Средба на претседателот Пендаровски со претставници од Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико

Пендаровски-Ромалитико

Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими Елвис Шаќири, извршен директор и Алберт Мемети, менаџер на програмата за економски развој на Институтот за истражување и анализа на политики – Ромалитико и претставници на граѓанското движење „Аваја”.

На средбата претседателот Пендаровски беше информиран за активностите на Ромалитико и Граѓанското движење „Аваја”, како и за предизвиците со коишто се соочуваат во реализирањето на нивните приоритети во насока на унапредување на севкупната положба на ромската заедница.

Соговорниците се осврнаа на целите, содржани во тригодишната стратегија на институтот, а кои се однесуваат на зголемување на политичкото претставување на Ромите и обезбедување добро владеење на избраните функционери, искористување на фондовите за директна поддршка на ромската заедница, остварување на правата на ромската заедница загарантирани со Охридскиот рамковен договор, канализирање на приоритетите на Ромите во националната и ЕУ агендата преку таргетирани и мејнстрим јавни политики, како и сензитивизирање на националните и локалните институции за антициганизмот. На средбата се дискутираше и за принципот за правична застапеност, престојниот попис, предлог законот за воведување на етничка припадност во личните карти, ромскиот јазик и други јавни политики кои заслужуваат заложба од надлежните институции.

Поздравувајќи ги активностите на институтот во промовирањето на правата на Ромите во Република Северна Македонија, претседателот Пендаровски нагласи дека обезбедувањето достоинствен и квалитетен живот, на сите граѓани подеднакво, е нужен предуслов за градење стабилно и просперитетно општество. Во тој контекст, порача претседателот Пендаровски, неопходен е заеднички ангажман, одговорен пристап и максимална посветеност, на сите чинители, во креирањето политики втемелени на демократските принципи и вредности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот