Теста за хантавирус / Фото: Profimedia

Експерт од Стенфорд открива пет работи што треба да ги знаете за хантавирусот

Хантавирусот е ретка, но исклучително опасна заразна болест што најчесто се пренесува од диви глодари на луѓето, а експертите предупредуваат дека иако ризикот е мал, последиците можат да бидат фатални. Според податоците што ги објави експерт од „Стенфорд медицина“, смртноста кај заразените лица во САД достигнува дури 35 проценти.

Хантавирусот е зоонозна инфекција, што значи дека потекнува од животни, но може да предизвика заболување и кај луѓето. Најчесто е присутен кај диви глодари, кои можат да го носат вирусот без никакви симптоми.

Луѓето најчесто се заразуваат при вдишување микроскопски честички од урина, измет или плунка од заразени глодари, особено при чистење напуштени колиби, планински куќи или затворени простории каде што имало глодари.

Експертот Хорхе Салинас објаснува дека вирусот не е типичен за урбани средини.

„Овој вирус главно се наоѓа кај диви глодари. Може да навлезат во планински колиби или ранчеви, но не е вообичаено да ги гледаме во градски или приградски средини“, вели тој.

Според Центарот за контрола и превенција на болести, во последните 30 години во САД се регистрирани 890 случаи на хантавирус, а најголем дел биле во Колорадо, Аризона и Ново Мексико.

Иако северноамериканските соеви на вирусот не се пренесуваат од човек на човек, постои еден исклучок – вирусот „Андес“, присутен во Јужна Америка. Во 2018 година тој предизвика епидемија во едно село во Аргентина, при што беа заразени 34 лица, а 11 починаа.

Сепак, научниците нагласуваат дека хантавирусот не се шири лесно меѓу луѓето.

„Тоа не е вирус како грипот или ковидот, кои многу ефикасно се пренесуваат од човек на човек“, објаснува Салинас.

Почетните симптоми на хантавирусот можат лесно да се помешаат со грип – температура, замор и болки во мускулите – но состојбата може многу брзо да премине во тешко воспаление на белите дробови и сериозни проблеми со дишењето.

Во моментов не постои одобрена вакцина, ниту специфична антивирусна терапија против хантавирусот. На пациентите може да им се дава кислородна поддршка, механичка вентилација, а во најтешките случаи и ECMO-машина што ги заменува функциите на срцето и белите дробови.

Експертите препорачуваат особено внимание при престој во природа и затворени простории каде што може да има траги од глодари. При чистење вакви места, советуваат отворање прозорци и носење N95-маска.

Научниците предупредуваат дека хантавирусот е дел од сè поголемиот број болести што се пренесуваат од животни на луѓе, како еболата, птичјиот грип и ковид-19. Според проценките, околу 75 проценти од новите заразни болести имаат животинско потекло.

Американец позитивен на хантавирусот, Французин со симптоми, Грк ставен во карантин во Атина по евакуацијата од крузерот

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот