Според Александар Прокопиев, писателот мора да го заслужи трибунското место

Писателот Александар Прокопиев со новата книга „Трибун, Хронистерик, Номад“

Новата критичко-есеистичка книга на Александар Прокопиев со наслов „Трибун, Хронистерик, Номад“ својата промоција ја имаше на 24 јануари во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“. Модераторка на настанот беше уредничката на книгата Оливера Ќорвезироска. Книгата е во издание на „Супрема“.

Уредничката Ќорвезироска истакна дека најновата книга на Прокопиев е на самиот раб помеѓу критичкиот и прозниот дискурс. Содржи единаесет текста подредени во три музички именувани циклуси: Praeludium, Scherzo и Lento. Книгата е бележита во домашен, но и во поширок книжевен контекст, таа се чита и се „слуша“ во брзи, бавни, интимни и шегобијни слапови.

Почнува, извира со амбициозна авторска класификација, лична номенклатура на книжевните дејци и заложби на трибуни (Гете, Толстој, Иго, Андриќ, Крлежа, Сартр, Конески…), хронистерици (Достоевски, Ниче, Вајлд, Паунд…) и номади (Чехов, Џојс, Виткаци, Шопов…), што се провлекува до крајот на книгата на повеќе нивоа, тече преку крајно интимни свиоци, дури и епистоларии; и истекува, т.е. се влева, во „книгите што ги нема“, во книгите што сме ги подзаборавиле, а се од суштинско значење за домашниот книжевен контекст: првите збирки раскази на Драги Михајловски, Јадранка Владова и Димитрие Дурацовски од доцните осумдесетти години на минатиот век.

– Најлесно ми е да зборувам за трибунот, бидејќи сум далеку од него, јас сум номад. Трибунот е секогаш на воспоставено место, на една пирамида на вредности и трибунот е секогаш на врвот. Да се дојде до трибунското место, тоа е една суптилна борба, да се биде на тоа место во општествената национална и книжевна фела. Тоа е една силна насоченост да се биде трибун и писателот мора да го заслужи трибунското место, односно општествено да биде прифатен како глас што се слуша и да инсистира на својата независност и невлијание на политиката и мора да има нешто што е пошироко, односно општествена свест – истакна Александар Прокопиев.

Промоцијата се одржа во книжарницата „Литература.мк суперстор“ во „Скопје сити мол“

Александар Прокопиев (1953, Скопје) досега објавил дваесетина прозни книги – раскази, новели, есеи и еден роман – некои од нив се преведени на светските и на балканските јазици.

На најновата книга есеи „Трибун, Хронистерик, Номад“ ѝ претходеа: „Дали Калимах беше постмодернист?“ (1994), „Патувања на сказната“ (1996), „Постмодерен Вавилон“ (2000), „Борхес и Компјутерот“ (2005), „Измислувајќи ја Европа“ (2014).

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 215, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот