Наградата „Менада“ за придонес во развојот на балетската уметност постхумно му е доделена на Марин Црвенов

Марин Црвенов и Јагода Сланева / архивска фотографија

Балетскиот уметник и доајен на македонскиот балет Марин Црвенов е добитник на наградата „Менада“ за врвни достигнувања во танцовата уметност на јубилејното 20-то издание на интернационалниот фестивал „Танц фест Скопје 2024“, а наградата му се доделува постхумно.

– Марин Црвенов (1945 – 2015) е еден од оние балетски уметници што оставија неизбришлив печат во развојот на македонскиот балет, но границите на неговото дејствување се пошироки, па така тој е познат како уметник и надвор од земјава, во регионот и Европа.

Со извонредните линии како балетски уметник Црвенов на сцената донесува безбројни ликови и настапува во целиот репертоар на Македонскиот балет во периодот од 1961 до 1990 година, кога е член на Балетот при МНТ во Скопје, на почетокот како солист, а потоа и како долгогодишен првенец. Црвенов се истакнува со одлична техника, лиричност во играта, но знае да долови и драматичност, кога тоа ликот кој го толкува го бара од него.

Тој е одличен партнер и со своето огромно сценско искуство, придонесува за креирање на незаборавни дуети со повеќе генерации балерини, првенки на Македонскиот балет. Со неговата долгогодишна работа Марин Црвенов дава огромен придонес во развојот, не само на балетската уметност, туку и во целокупниот театарски живот во Македонија.

Марин Црвенов / архивска фотографија

Неговиот талент е распространет во изведувачката област, но тој се истакнува и како балетски педагог и репетитор. Марин Црвенов е дел од генерацијата што ја зацврсти позицијата на македонскиот балет, тој е сестран уметник што помогна во градењето млади кадри и со својата извонредна појава на сцената и надвор од неа, остави огромно наследство и одговорност кај следните генерации, да ги достигнат тие височини – образложи Бордот на „Танц фест Скопје“.

Наградата „Менада“ ќе биде врачена на гала-вечер на 30 април, во МНТ, кога „Танц фест Скопје“ ќе го одбележи својот 20-годишен јубилеј со танцови претстави во кореографија на Рисима Рисимкин и Адријана Данчевска Ровчанин.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 228, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 27-28.4.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот