Древни споменици во Индија под закана од загадувањето и климатските промени
Древните споменици во Индија се соочуваат со сериозни оштетувања поради енормното загадување и сè поекстремните климатски промени, предупредуваат индиските експерти за културно наследство. И покрај напорите на владата, кои вклучуваат садење илјадници дрвја и поставување метеоролошки станици кај најзначајните споменици, многу историски објекти продолжуваат да се распаѓаат.
Препорачано
Според Ратиш Нанда, извршен директор на Фондот Ага Кан, загадувањето ги затвора порите на камените површини и го заробува влагата во структурата, создавајќи „коктел од реакции“ кои тешко се контролираат. Еколошкиот активист Вимленду Џа додава дека алармните системи за екстремен дожд и ветрови не се доволни без дополнителни финансиски средства за реална заштита, пишува Си-Ен-Еј Њуз.
Меѓу најпогодените споменици е историската Црвена тврдина во Њу Делхи, чии ѕидови се покриени со слој саѓи што лесно се избришуваат со рака, што укажува на висок ризик од трајни оштетувања. Во Раџастан, дел од тврдината Сонар – дел од светското наследство на УНЕСКО се урна лани поради невообичаено обилен дожд и недоволно одржување.
На удар се и други значајни објекти, како гробницата на императорот Хумајун во Њу Делхи, стара 500 години. За нејзина заштита се вршат реставрации, се садат дрвја за намалување на загадувањето и се модернизираат дренажните системи за да се издржат интензивните монсуни.
Индиската влада тврди дека нејзините климатски политики ќе помогнат долгорочно да се заштитат местата на културното наследство, меѓу кои е и Таџ Махал, чија бела фасада веќе претрпе промени поради загадувањето и киселите дождови.


