Спој на модерната уметност на Петар Хаџи Бошков со античкиот свет на локалитетот Стоби

Фотографија: Денис Сарагиновски

Голема изложба на дела од реномираниот македонски скулптор Петар Хаџи Бошков (1928 – 2015) на 18 септември ќе биде отворена на античкиот локалитет Стоби. Проектот е со наслов „Откривање на иднината: Археологија на модерноста“, а куратор и автор на концептот е Владимир Јанчевски.

Поставката вклучува четириесетина репрезентативни дела од повеќе творечки фази на Хаџи Бошков, кои опфаќаат четиридецениски период од 1962 до 2004 година. Сите изложени дела авторот ги има зачувано во лична сопственост и ги оставил во наследство на неговото семејство.

Овие репрезентативни дела, благодарение на неговиот син Игор Хаџи Бошков, ќе бидат позајмени и директно од ателјето ќе бидат пренесени на локалитетот Стоби.

Фотографија: Денис Сарагиновски

Проектот е поддржан од Министерството за култура на РСМ, а иницијативата за реализација на проектот е на Спасе Перовски, директор на Археолошкиот локалитет Стоби, чиешто настојување, меѓу другото, е и да го заживее локалитетот во рамките на долгорочната проектна програма „Стоби – жив град“.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 96, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 11-12 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот