Список за гласање

Во списокот ни е да гласаме за градоначалник, зашто еден од 13-те директно избрани ќе биде и оној на Лондон. А нас нѐ интересира кој ќе биде градоначалник на Лондон. Има 20 кандидати за оваа позиција, најмногу досега. Ништо чудно, ова е едно од најпрестижните политички места во Обединетото Кралство.

Во редовните списоци неделава ставивме и додаток. Не дека такво време дојде па дојде време кога треба да се запишува и на страна она познатото дека „умниот запишува, глупавиот памти“, ама што е сигурно, сигурно е. Макар што, да бидам искрена, главно кога одиме по продавници (самопослуги) купуваме едни те исти работи, па кога си ги наоѓаме списоците по џебовите или по чантите, се смееме дека можеби треба да пластифицираме еден список и тој да ни биде главниот.

Да, знам дека можеме на мобилниот да имаме списоци кои би ги „апдатирале“ со во последен миг идеи за (не)потребни работи, ама некако, ливче си е ливче и список си е список. И кога работите се одвиваат нормално, одиме „сѐ по список“. Проблемите настануваат кога ќе го заборавиме дома, па ќе се вратиме со четири хартиени ќеси, три „торби за навек“ и два пара издолжени и болни раце на благо раскарани брачни другари кои не се баш пријателски расположени во моментот еден кон друг. Зашто, купиле се, само не тоа што било на списокот, кој ене го дома, оставен на масичката, веднаш до очилата на брачната другарка која без нив е како лилјак сред бел ден, па мораше да го користи другарот да види цена, да прочита рок на траење, состав, сол/шеќер/калории/маснотии…

Па нели рековме, и во добро и во лошо, и со наочари и без нив…

 

Супер четврток

 

Додатокот на списокот, инаку, беше, да не заборавиме да гласаме. Денес, четврток, 6 мај, околу 28 милиони луѓе ќе имаат можност да гласаат на локалните избори за да решат – кој ќе раководи со локалните служби, како на пример училиштата, библиотеките и собирањето на отпадот, меѓу другото. Минатогодишните локални избори беа одложени поради ковид пандемијата, па  овие ќе бидат за нешто поголем број позиции. Ќе се гласа за 5.000 места во 145 локални совети во Англија, за 39 полициски комесари во Англија и Велс и за 13 директно избрани градоначалници во Англија.

Истовремено се одржуваат и парламентарните избори во Шкотска и во Велс. Ќе биде интересно, посебно во Шкотска, каде што дебатите се дали ако мнозинство добие партијата на првата министерка, Никола Стрџен, Шкотската национална партија, ќе биде распишан референдум за независност и приклучување во ЕУ или ќе се причека 4-5 години земјата да заздрави од пандемијата, па тогаш да се дели. За Велс, тоа е убав дел од Обединетото Кралство е, со зелени полиња и овци…

А, да не заборавам… во списокот ни е да гласаме за градоначалник, зашто еден од 13-те директно избрани ќе биде и оној на Лондон. А нас не интересира кој ќе биде градоначалник на Лондон. Има 20 кандидати за оваа позиција, најмногу досега. Ништо чудно, ова е  едно од најпрестижните политички места во Обединетото Кралство, претходно во два мандата на Борис Џонсон, кој сега е премиер. Меѓу поинтересните кандидати се и братот на поранешниот лидер на лабуристите, Пирс Корбин, актерот Лоренс од актерската династија Фокс, како и кандидатите на најголемите политички парии, Конзервативната, Зелената и Либерал-демократите и, се разбира, сегашниот, лабуристот и про-ЕУ Садик Кан, кој бара втор мандат од лондончани.

Системот е, ќе се гласа преференцијален, прв и втор кандидат. Ако кандидатот добие повеќе од 50% од првото преференцијално гласање, победил. Ако ниту еден не освои повеќе од 50%, првите двајца одат понатаму. Според анкетите, во вториот круг ќе одат Садик Кан и ториевецот Шон Бејли, а потоа ќе победи Кан.

 

Лондон е кул

 

Немаше нешто многу возбуда и кампања, ниту пак некаква посебно платена политичка програма по медиумите. Кандидатите велеа дека одат некаде и водат кампањи. Сигурно беа некаде, во Вимблдон не видов никого. Но видов еден рекламен спот на Шон Бејли на ТВ и ми стигна писмо со ветување дека ако гласам за него, Лондон ќе биде подобар. Втор спот не сними. Другите користат интернет, немаат пари за фрлање за режирање видеа и за папирологија. Пенкалца и запалки и тефтерчиња не се даваат, и онака сите имаат мобилни (списоци?!) се помалку лондончани пушат (цигари, за другото ич муабет да не правиме, нормално дека се пафка и пуфка, па Лондон е), а ако некој дели тефтерчиња ќе му се навртат дека не ја штити човековата околина и троши шуми дрвја за политички цели, па загубил пред да почне.

Не ечеа патриотски песни, немаше реклами по улиците, немаше предизборни митинзи со развеани партиски знамиња и со говори пред насобрани приврзаници. Во ред, според ковид протоколите и онака не можеше да има големи собири и некои од кандидатите и да го собереа поширокото семејство, немаше да „премаваат“ 30 души, ама сепак…

И така, за да не заборавиме, си направивме список. Леб (црн, со семки), риба, овошје, сирење, вино (црно и розе), сок, салата (два вида), моркови, целер, маслинки (грчки) и… гласање. А да, и очилата.

(Јазикот на кој се напишани како и ставовите изнесени во рубриката „Колумни“ не се ставови и одраз на уредувачката политика на „Слободен печат“)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот