Список со закани за ликвидација на ученици и родители испразни паралелка во Битола
Ученик од 7 одделение се заканувал дека на 18 мај годинава ќе нападне по својот и по животот на свои соученици и деца од другото одделение во ОУ „Стив Наумов“ Битола, тврдат за „Слободен печат“ родители на деца од училиштето под услови на анонимност. Поради тоа, тврдат тие, денеска присутни во паралелката биле мал број ученици, а вчера цел клас од 7 одделение не дошол на настава.
Препорачано
-Сето ова заради дете кое се заканува дека ќе ги убие сите. Имаше пораки меѓу учениците во групата, дека се исплашени и нема да одат на училиште. Ситуацијата не е воопшто наивна, вели родителка за „Слободен печат“.
Ниту директорот на училиштето Никола Пискачев ниту Државниот просветен инспекторат не одговорија на прашањата на „Слободен печат“ какви биле заканите кои што биле упатени. Ученикот како дел од мерките не посетува настава со физичко присуство, туку онлајн настава.
Вчера одржан е родителски состанок во нашето училиште, поради претставка на родители за случај со наш ученик кој на социјалните мрежи упатувал закани по животот на учениците и по сопствениот. Присутна беше стручната служба и родителите. Како училиште ги презедовме сите мерки што ни се на располагање, пријавивме во МВР и ЦСР и таму ги однесовме материјалите со кои располагавме, па мислам дека надлежните веќе го решаваат случајот, изјави Пискачев за ТВ Тера.
На Фејсбук страницата на училиштето исто така е објавено дека ученик преку социјалните мрежи објавувал недолични и заканувачки пораки за неговите соученици и нивните родители.
Во рамките на нашите надлежности, училиштето презеде соодветни мерки за заштита и поддршка на учениците, како и активности за смирување на состојбата и обезбедување безбедна и сигурна средина за сите ученици и вработени, велат оттаму.


