„Спин-докторот“ на Трамп: На Бенон му се заканува затвор

Трамп и Бенон/ Фото EPA/DREW ANGERER /

Комитетот на Претставничкиот дом на САД, кој го истражува упадот во Капитол Хил на 6-ти јануари, едногласно ги поддржа обвинувањата против поранешниот советник во Белата куќа, Стив Бенон, за непочитување на Конгресот.

Бенон, познат и како „спин -доктор“ на Трамп, претходно беше повикан да сведочи, но тој одби, што Комитетот го оцени како шокантно во својата одлука.

Одлуката на комитетот го отвора патот за целиот Претставнички дом да се изјасни за тоа, а потоа се проследува до Министерството за правда, кое ќе одлучи дали ќе поднесе обвинение. Гласањето во Претставничкиот дом е закажано за во четврток.

Доколку биде прогласен за виновен, Бенон може да се соочи со парична казна и до една година затвор, пренесува Би-Би-Си.

Американски комитет/ Фото EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Во извештајот од понеделникот, комитетот тврди дека Бенон дал изјави што укажуваат дека однапред знаел за „екстремните настани“ на 6-ти јануари, кога Конгресот требаше да го потврди демократот Џо Бајден за победник на претседателските избори.

Исто така, беа забележани сите начини на кои Бенон учествуваше во настаните што доведоа до востанието, вклучувајќи ги и извештаите дека го охрабрил Трамп да се фокусира на 6-ти јануари, денот на потврдувањето на изборните гласови, и коментарите од 5-ти јануари дека „целосен хаос ќе следува“ следниот ден.

Трамп во понеделникот ја тужеше конгресната комисија, тврдејќи дека нејзините членови незаконски побарале информации од Белата куќа, а во тужбата поднесена до судот во Вашингтон се наведува дека материјалот што го побарал е покриен со правна доктрина позната како „извршна привилегија“, која штити доверливост на одредена комуникација во Белата куќа.

Трамп ја поднесе тужбата откако претседателот Бајден одлучи да се откаже од правото да го блокира доставувањето на документи до Конгресот, право што му дава „извршна привилегија“.

Администрацијата на Бајден изјави дека насилната опсада на Капитол Хил пред повеќе од девет месеци е толку екстремен настан што заслужува откажување од привилегијата што обично ги штити комуникациите на Белата куќа.

Стив Бенон/ Фото EPA-EFE/JIM LO SCALZO

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот