Путин и Володин / Фото: EPA/EFE/Kremlin Pool

Спикерот на руската Дума наседнал на сатирична вест од хрватски портал, му ја раскажал и на Путин

Претседателот на долниот дом на Рускиот парламент, Вјачеслав Володин, на средба со претседателот Владимир Путин раскажал измислена приказна од хрватски сатиричен портал, уверувајќи дека станува збор за реален корупциски скандал во Европската Унија, го пренесе „Индекс“ пишувањето на руските медиуми.

Зборувајќи за потребата од законски надзор врз вештачката интелигенција, Володин, според „Медуза“, предупредил дека технологијата „носи предизвици и проблеми“. За да ја поткрепи тезата, тој го навел случај на наводно апсење на министерката креирана со вештачка интелигенција во Албанија, не знаејќи дека таа „вест“ потекнува од хрватскиот сатиричен портал „Њузбар“.

Според измислената приказна, „министерката“ во Албанија, која е бот по име Диела, за време на обуката анализирала податоци од јавни набавки и заклучила дека „примањето мито на Балканот е нормална бирократска работа“.

„Министерката“ потоа наводно примила 14 биткоини за да одобри проект за автопат, а на суд требало да ја брани Чет-џи-пи-ти, додека нејзините обврски привремено ги презел „стар модел калкулатор ‘Касио’“.

Приказната, се разбира, е целосно сатирична. „Њузбар“ ја објавил пред само неколку дена, а повеќе големи руски канали на „Телеграм“ ја пренеле како реална информација, па веројатно така и стигнала и до Володин. Некои од овие канали подоцна ги избришаа објавите и додадоа појаснување дека станува збор за сатира.

Албанија во септември назначи прототип на ВИ-алатка интегрирана во системот за јавни набавки како антикорупциска мерка, но таа реално не е министерка, ниту пак може да учествува во корупциски скандал.

Ова не е првпат хрватски сатиричен текст да заврши во руските медиуми како кредибилна вест. Лани во октомври, се прошири приказна за змија што наводно каснала Хрват и угинала поради труење со алкохол – исто така сатирична вест од „Њузбар“, но стара пет години.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот