Специјални гости на концертот во чест на Влада Дивљан ќе бидат Кирил Џајковски и Констракта
Во салата на Филхармонија на 17 ноември, во 20 часот, ќе се одржи големиот концерт посветен на еден од најзначајните музички автори на овие простори, Влада Дивљан.
Препорачано
На сцената, како специјални гости ќе се придружат нашиот Кирил Џајковски – пионер на електронската музика и уметник чиј препознатлив звук одамна ги надмина локалните рамки – и Констракта, артистката што внесе свежа уметничка перспектива на регионална сцена со уникатен пристап, интелигентен хумор и современа естетика.
Концертот, насловен „Само една љубов имам“, го подготви групата „Невладина Организација“ по повод десетгодишнината од смртта на Влада. Нивната турнеја со овој концерт симболично започна во Виена, со фантастична премиера во градот каде што Влада Дивљан живееше и твореше од 1999 година до крајот на животот, а по Белград и Загреб, сега пристигнува и во Скопје како дел од програмата на фестивалот „Таксират“.
Владиниот бенд „Невладина Организација“ го предводат неговите долгогодишни пријатели и соработници Зденко Колар, Саша Шандоров, Борис Буњац, Марко Миливојевиќ, како и подмладокот Дамјан Дашиќ и Марко Чалиќ. Нивната најважна мисија е зачувување на Владините големи хитови и безвременски песни, и повторно доживување на неговата музика заедно со публиката.
Македонската публика ќе има прилика да го чуе и види бендот кој работеше со единствениот уметник Влада Дивљан и да ги запее песните од неговиот богат опус и од сите периоди на неговата музичка кариера. „Невладина Организација“ ќе ги изведе во живо најубавите песни од неговиот каталог – од времето на „Идоли“, па преку соло делата, до „Олд Старс“ бендот, „Невладина Организација“ и „Лјетно кино“.
Влада Дивљан, пејач, композитор, гитарист, го основа еден од водечките бендови на новиот бран „ВИС Идоли“ во 1980 година. Тие ги објавија култните албуми „ВИС Идоли“, „Одбрана и последни дани“, „Чоколада“ и „Шест денови во јуни“. Покрај тоа, има објавено уште осум албуми за време на неговата самостојна кариера, но и со групите „Олд старс“, „Невладина Организација“ и „Лјетно кино“. Со Срѓан Гојковиќ Гиле, тој создаваше музика за деца, а компонираше за телевизија, филм и театар. Од 1999 година живееше во Виена, каде што почина на 4 март 2015 година.


