Башким Селими / Фото: Нова Македонија

Советот на јавни обвинители има нов шеф, вели дека приоритет ќе му биде да ги штити обвинителите

Башким Селими беше едногласно избран од неговите колеги-обвинители

Новоизбраниот претседател на Советот на јавни обвинители, Башким Селими, денеска порача дека „заштитата на сите јавни обвинители во Република Македонија“ и транспарентноста ќе бидат приоритетите во неговиот мандат.

Селими е избран за нов претседател на Советот на јавни обвинители, откако доби едногласна поддршка од колегите, по предлогот на Зорица Павловиќ. Во својата прва изјава по изборот, Селими се осврна на приоритетите во неговиот мандат, нагласувајќи ја заштитата на јавните обвинители и колективното одлучување.

Изборот на Селими се случува на денот на кој Владата го усвои предлогот за разрешување на државниот јавен обвинител, Љупчо Коцевски.

-Им се заблагодарувам на колегите што ме поддржаа едногласно, предноста за мене е што сум бил и заменик, во континуитет, и одлуките секогаш се носат колективно. Ќе се залагам за сите јавни обвинители во Република Македонија да бидат заштитени во секоја смисла – изјави новиот претседател на Советот.

Тој, исто така, најави дека ќе биде секогаш достапен пред медиумите.

Во однос на Извештајот на Европската комисија за работата на јавните обвинители и евентуалното мешање на другите власти во судската, Селими истакна дека „во делот на ЈО нема забелешки за Советот“ и дека тој дел ќе биде разгледан на седница по што ќе излезат со официјален став. Додека, за евентуалното мешање на останатите власти во судската изјави „Јас ве убедувам дека во СЈОРМ одлуките се носат со мнозинство и никој од колегите никогаш не се пожалил во таа смисла“.

Предлогот за избор на Селими беше поднесен од членот на Советот, Зорица Павловиќ и беше поддржан со осум гласови „за“ од вкупно 11 членови. При гласањето имаше три неважечки ливчиња.

За заменик претседател на Советот, Селими ја предложи членката Маријана Илиевска, а предлогот беше едногласно поддржан.

Изборот следи по престанокот на функцијата на претходната претседателка, Душица Димитриеска, поради истек на мандатот на 1 октомври годинава. Ова беше констатирано на 28-та седница на Советот одржана на 30 септември. Тогаш изборот на нов претседател беше одложен поради одржувањето на локалните избори.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот