Советниците на Карпош ги поддржаа граѓаните, гласаа против спорниот ДУП за Козле
Спорниот ДУП за Козле, денеска не е изгласан од советниците на Општина Карпош. Против гласаа сите присутни 17 советници, од советничките групи на СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, Левица и независните советнички, додека советниците од ГРОМ уште пред гласањето ја напуштија седницата.
Препорачано
Со ова се поддржани барањата на жителите кои денеска револтирани дојдоа на седницата и беа против овој план, кој дури трипати беше на јавна анкета пред граѓаните.
Со оглед на фактот дека претходно градоначалникот Стевчо Јакимовски ги повлече сите 28 точки од дневниот ред кој тој ги предложил, а советниците повторно ги предложија и ги вратија на дневен ред, но и со оглед на фактот дека седницата се одржуваше без присуство на општинската служба за поддршка, без камера, туку само со тонско снимање, советниците очекуваат, како што велат, нови манипулации.
Очекуваме нови манипулации – да не ја потпише градоначалникот одлуката на Советот, да не се објави во Службениот гласник и слично, но ние сме тука сите, да ги поддржиме граѓаните, затоа што општината не е само на еден човек туку на сите граѓани – вели советничката од ВМРО-ДПМНЕ Адријана Јакимовска Панчевска.


