Соодветна дресура: Овој клучен трик ќе спречи кучето да се збунува кога му давате команди
Кога на своето куче ќе му кажете „седни“, тој го спушта задникот на подот како вистински професионалец. Кога ќе му кажете „ајде“, без двоумење тргнува, а кога ќе го замолите да „даде пет“, неговата шепа веднаш ја допира вашата дланка. Но, дури и овие јасни команди понекогаш можат да го збунат кучето и да го доведат до фрустрација, пишува „Љубимци“.
Препорачано
Во продолжение следуваат пет вообичаени и најчесто користени команди што ги збунуваат кучињата. Како сопственик кој го разбира својот миленик, со правилна дресура можете да спречите тој да ги „измеша“ сигналите.
„Остани“
Командата „остани“ значи дека кучето треба да остане на место – да седи или да лежи – но прашањето е: колку долго? Дали треба да мирува додека го гледаме, додека не му здодее или додека не се појави неговата омилена личност или друго куче? Кучето мора да знае дека ова однесување има почеток и крај. Станува збор за однесување со два дела и двоен сигнал. „Остани“ му кажува да остане на место, а кога ќе му кажете „во ред“ или „добро“, тоа е знак дека е слободно. Без вториот дел, кучето на крај ќе се помести или ќе стане кога ќе му дојде.
„Дојди“
Кога ќе кажете „дојди“, очекувате кучето да остави сè и веднаш да дотрча кај вас. Но, понекогаш тоа се однесува „изборно“, затоа што треба да го остави омилениот стап, да ги игнорира примамливите мириси во тревата или да се оддалечи од куче што штотуку го запознава. Кучето по природа не е склоно да се откаже од нешто забавно само затоа што сме му рекле да дојде, па не е разумно да очекуваме секогаш да го направи тоа што го бараме. Најефикасниот начин да го научите кучето да „дојде“ е да му понудите нешто подобро од она што моментално го има. Ако ова правило сте го почитувале за време на дресурата, кучето секогаш ќе дојде кај вас затоа што очекува нешто што ќе му биде поинтересно од тековната опсесија. Кучињата мора да бидат сигурни дека им се исплати да послушаат. Но, ако наместо изненадување му понудите просечна награда и неколку тапкања по главата, кучето нема да биде мотивирано следниот пат кога ќе го повикате.
„Не“
Кога на кучето му велите „не“, мислите „веднаш престани“. Иако ова ви изгледа очигледно, кучето можеби само забележува дека звучите лутo и не разбира зошто, па „не“ може да му биде нејасно. Тоа е тон без контекст – кучето го слуша, но не знае што да направи. Ако сакате да разбере дека „не“ значи да престане со тоа што го прави, мора посебно да го научите на тоа значење. Многу тренери наместо „не“ ја користат зборот „стоп“. Кој и да е изразот, ако сте доследни и го наградувате кучето кога ќе престане со однесувањето по командата, дури и ако само ве погледне, тоа се смета за успех и треба да биде наградено со посластица.
„Остави“
Кога му велите „остави“, мислите „остави го тоа што го зема“, но за куче што токму зграпчило нешто што не треба, тоа може да значи дека започнала игра. Ако вашиот следен потег по командата биде да тргнете кон него, кучето ќе почне да бега – токму така обично започнува играта на бркање. Иако вие сте под стрес, кучето ќе ужива, бидејќи бркањето е игра што ја сака, а сега научило дека играта започнува штом нешто ќе земе во уста и вие ќе кажете „остави“. Тоа ја следи командата, но вие не го разбирате, па така научило погрешна лекција: мора да бега со предметот, бидејќи знае дека ќе му го земете. Затоа е важно „остави“ да се тренира пред да се најдете во ризична ситуација. Ставете посластица пред неговиот нос за да го поттикнете да го пушти предметот и да ја земе наградата. Потоа повторно понудете му го предметот и повторете неколкупати, а на крај дозволете му да ја задржи играчката. Така ќе научи дека добива нешто добро кога ќе пушти, а на крај сепак ќе го добие она што го сака. Вториот дел од дресурата е замена на играчка: натерајте го да ја пушти едната, но понудете му друга – така и вие и кучето сте победници.
„Покрај нога“
Мислите дека со командата „покрај нога“ ќе го натерате кучето послушно да оди до вас? Знајте дека во неговата глава ќе се појават многу прашања: дали смее да мириса, зошто одите толку бавно и кога ќе биде слободно. Ако се натпреварувате на формални натпревари по послушност, оваа вештина мора да биде совршена, бидејќи се оценува прецизноста. Но, во секојдневниот живот, постојаното одење „покрај нога“ не е многу практично за миленикот. Затоа е покорисно да го научите да оди со лабав поводник, со повеќе слобода и помалку фрустрација за двете страни.


