СОНК: Нереализирана тендерска постапка е причина за недостигот на сведителства

Родители го испраќаат своето дете во училиштето основното училиште „Киро Глигоров“ / 1 октомври 2020 година / Фото: Слободен Печат / Драган Митрески

Во основните и средните училишта ширум земјава има недостиг на свидетелства, а според информациите на Самостојниот синдикат за образование и наука (СОНК), свидетелства добиле само деветтодделенците и матурантите.

Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, за „Слободен печат“ вели оти станува збор за проблем на државно ниво, а ако не се реши до крајот на овој месец, учениците би можеле свидетелствата да ги добијат во август.

– Станува збор за проблем на глобално ниво. Нашите информации кажуваат оти се работи за нереализирана тендерска постапка, што значи оти има проблем кој тоа ќе ги печати свидетелствата, кога ќе се случи тоа и кога ќе се дистрибуираат. Во тој смисол, се чини дека ако тендерската постапка не е завршена, иако досега нема дистрибуирано свидетелства, се поставува прашањето дали ќе се стигне до крајот на овој месец кога е закажана поделба на свидетелства, или евентуално тоа ќе биде во некој друг месец, на пример август – вели Неделков.

Тој посочи и оти деветтооделенците и матурантите добиле свидетелства бидејќи им се потребни за упис во средно образование, односно на факултет, како и тоа дека веројатно станува збор за стари залихи на свидетелства, бидејќи нови како што вели, нема.

Со овој проблем е запознаен и Независниот синдикат за образование и наука (НСОН), чиј претседател Томислав Гиевски во разговор со „Слободен печат“ ги повика надлежните што побргу да го решат овој проблем, за да не се зголеми обемот на работа на наставниците.

– Како резултат на неорганизација на надлежните институции во најголем дел од училиштата се уште недостасуваат свидетелства. Ние како синдикат дадовме напори да откриеме поради која причина е дојдено до тој проблем, но се уште не сме добиле одговор, а апелираме до сите надлежни институции што поскоро да си ги завршат сите обврски што ги имаат и да им остават простор на наставниците да си ја завршат педагошката интервенција навреме – истакна Гиевски.

Засега нема одговор од надлежните институции во врска со проблемот со недостигот на свидетелства во основните и средните училишта ширум земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот