Сомнително лице под државен тепих

Нема основ за никаква шпионажа освен од балкански тип – „Сомнително лице“ од Бранислав Нушиќ, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на едно од своите телевизиски гостувања со потценувачки и исмевачки тон кон јавноста што го нарекла овој случај „шпионска афера“ и со остри критики за Јавното обвинителство што потврди дека води предистрага за „постоење индиции за преземени недозволени активности од висок државен интерес“.

Во својот настап споменуваше криминалистички класици за да долови дека овој случај е далеку од романите на Агата Кристи, но има поврзаност со „Сомнително лице“. Па како што на Нушиќ му била забранета драмата зашто била против тогашната власт, и премиерот порача дека овој случај треба да се заборави оти потекнувал од некаков шпионски талог.

Да се заборават сите случаи за кои има некакви сомнежи поврзани со актуелната власт, вклучувајќи ја и актуелната претседателка. Дури и ако Обвинителството потврди дека се истражуваат такви сомнежи, затоа што тоа е, како што го претставува власта, на Ислам Абази, неомилениот обвинител на власта.

Истражните органи ќе треба да откријат дали некакви чувствителни информации завршиле во странски тајни служби, но јавноста не смее да се сомнева зошто овој случај се криел од јавноста со месеци и ако немало никакво изнесување информации зошто сомнителното лице веднаш било суспендирано и да бара одговори зошто некој што со години работел во Кабинетот на претседателот со највисок сертификат за безбедност токму сега направил упад во компјутерскиот систем.

Не смее да прашува за семејната врска на близок човек на претседателката со Русија, за луѓето со кои е опкружена претседателката што истовремено е и врховен командант на земја членка на НАТО.

Не смее да се прашува затоа што претседателката ќе се шокира, премиерот ќе ни порача да ја заборавиме оваа афера, а пак министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе ги обвини сите, дури и ќе се повика на некои теории на заговор дека Обвинителството на Абази ќе почне војна со неговото МВР.

За него дури периодот од два месеца бил прекраток за да се направи анализа на „собраните“ материјали и да се види дали имало или не некакви шпионски активности, па оваа афера досега и да била затворена со точен одговор, пред да излезе во јавност. Тошковски вели два месеца, а првата наредба за анализа на дел од материјалите била издадена уште од декември од минатата година, а МВР уште нема одговор дали имало или не шпионажа.

Не смее да има сомнеж ниту за видеоснимките што Обвинителството не ги добило ниту од претседателскиот кабинет, а сега уште ги чека од Министерството за внатрешни работи. Видеоснимки што се обезбедуваат веднаш и за обична кражба.

Но, Тошковски е посебна приказна во оваа влада, нему сите други му се виновни, само тој самиот не. Сега е обвинителката Катерина Коларевиќ, претходно некој друг, а ако не е некоја институција, тогаш ќе бидат некои инструирани новинари, кои ако го прашаат за ненадејното предавање и апсење на Артан Груби ќе ги обвини дека му пишуваат пораки после полноќ.

Ако ова не е никаква афера, зошто претседателката не одговара на новинарските прашања за да им објасни на новинарите што е афера, а што не, туку одбра да молчи на сите новинарски прашања и првата изјава за аферата да ја даде на настан што не беше јавно објавен, само за државната агенција МИА.

Зошто не ги повика новинарите кога го прими командантот на Здружената команда на сојузничките сили во Неапол, адмирал Џорџ М. Викоф, кој беше во прва посета на државата и на македонската армија, по преземањето на функцијата и не даде изјава за сите новинари за и пред претставникот на НАТО да ги расчисти дилемите?

Кабинетот всушност се погрижи да нема настани на кои претседателката би одговорила на сите новинарски прашања. Па наместо да се шокира од новинарите и од Обвинителството, да го праша министерот за внатрешни работи зошто досега не ги расчистил сомнежите околу нејзиниот кабинет пред да излезат во јавноста.

Дали има шпионска афера или не, ќе одговорат институциите, но овој случај го исцртува прецизно функционирањето на институциите, на системот. Па ако се чека со месеци за вештачење за ваков случај и ако не може Обвинителството да дојде до видеоснимки, како одговараат институциите на случаите на обичните смртници?

Ова сигурно е приказна како институциите реагираат кога има некакви сомнежи, за шпионажа, за факт дека некој упаднал во компјутерската мрежа во Кабинетот на претседателот. Доказите ги нема со месеци, одговорите доцнат, а јавноста се учи да не прашува.

Па драмата на Нушиќ што ја доловува корумпираноста и расипаноста на државните службеници може се игра во Кабинетот на претседателката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот