Социологот Ацески за изјавите на владиката Петар: Кога ќе се злоупотреби религијата, тоа е врв на распадот на моралните вредности

Фото, принтскрин - Проф. д-р Илија Ацески

Социологот проф.-д-р Илија Ацески во изјава за „Дојче веле“ ја коментира изјавата на митрополитот на МПЦ-ОА, Петар, која предизвика многу негативни реакции во јавноста. Нови искри меѓу Црквата и граѓанското општество го продлабочија јазот којшто се отвори во однос на полемиката за родовата еднаквост и улогата на жената во општеството.

Владиката ја критикуваше идеологијата на родовата еднаквост, но и феминистичките здруженија кои, смета тој, бараат повеќе права, а не се свесни дека тие со себе носат и поголеми обврски. Митрополитот ја опиша идеологијата за родовата еднаквост како „манипулативна“, „богохулна“, „отровна“, „изопачена“ и „погубна“ и рече дека таа „молскавично му се заканува на општеството“.

„Оваа манипулативна идеологија е богохулна, противприродна и изопачена. Господ ги создаде мажот и жената, а сè друго изменето и поразлично од божјото создание е ненормално и со тоа е неприфатливо“, рече митрополитот во послание до верниците.

Политичари, граѓански активисти и научници ми порачаа на владиката Петар да си ги преиспита ставовите со кои се понижуваат и омаловажуваат жените.

„Недозволиво е ваквото мешање на Црквата во политиката и создавање конфликт со граѓанското општество, како што е недозволиво и политиката да се меша во црковните работи. Кога ќе се злоупотреби религијата – тоа е врв на распадот на моралните вредности. Меѓу другото, таков процес се случува веќе подолго време во земјата“, вели социологот и универзитетски професор Илија Ацески.

На изјавите на владиката Петар реагираше и министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска.

„Жената не бара повеќе права, бара исти права и исти можности како и мажите. „Но, владико, тоа ти со твоите ретроградни ставови, со понижувањата и омаловажувањата кон жената не можеш да го разбереш. Богохулие е отровот што го пушташ и со кој навредуваш и понижуваш 51 отсто од популацијата. Не си ги разбрал поимите, но и времето во кое живееме. Не е време на инквизиција, владико. Живееме во демократија. Во време кога можеби не секоја жена е гласна, храбра, но оние гласните и храбри се борат за родова еднаквост. За своите права и правата на секоја друга жена. За правата на секој поединец во општеството“, порача министерката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот