Со вакцинација и почитување на мерките до сузбивање на пандемијата со КОВИД-19

Вакцинација на деца против ковид-19 / Фото: EPA-EFE/SASCHA STEINBACH

Според надлежните сo вакцинација и почитување на мерките ќе се сузбие пандемијата со КОВИД-19.

Нови 325 случаи на КОВИД-19 од направени 2.589 тестирања беа евидентирани во вчерашниот билтен на Министерството за здравство. Починаа седум лица, сите во болнички услови, а оздравени се 479 пациенти. Според надлежните сo вакцинација и почитување на мерките ќе се сузбие пандемијата со КОВИД-19. Министерот за здравство Венко Филипче вчера изјави дека веќе се подготвени листите на здравствени работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат.

Вкупниот број на ковид дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 92.518, бројот на оздравени пациенти е 81.316, на починати е 2.848, а бројот на активни случаи изнесува 8.354. Досега во земјата се направени вкупно 454.608 тестирања на КОВИД -19.
Од новите позитивни на КОВИД-19, најмногу има во Скопје – 151, Тетово – 27, Кавадарци – 17, Охрид – 16, Велес – 14, Куманово – 13, Делчево – 11, Битола и Струга по девет случаи, Гевгелија – осум… Од вкупно 479 оздравени пациенти, во Скопје се 358, Охрид – 46, Струга – 13, Струмица и Прилеп по 11, Кавадарци – девет… Од починатите седум лица, двајца пациенти се од Скопје (89 и 79г), двајца од Охрид (80 и 89г) и по еден од Гостивар (62г), Струга (85г) и Пробиштип (70г). Сите седум пациенти се починати во болнички услови.

Според досега завршените епидемиолошки анализи, во Скопје активни се 4.449 случаи, Охрид – 367, Куманово -365, во Кавадарци активни се 327, Тетово – 315, Велес – 269, Струмица – 258, Гостивар – 206…

Вкупниот број на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците низ земјава е 611 и има околу 530 празни болнички кревети во ковид-центрите. Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород, има увид во состојбата со капацитети и доколку има потреба одделенијата ќе бидат дополнително проширени, соопшти вчера Министерството за здравство.

Британскиот сој на коронавирусот е детектиран уште кај двајца пациенти во земјава. Пациентот што починал имал коморбидитет, а другиот пациент од 26 јануари се води како оздравен. Како што објавија дел од медиумите, починатиот е 46-годишен маж, кој имал претходни хронични заболувања. Позитивен тест на КОВИД-19 добил на 4 јануари, а починал на 8 јануари 2021 година.

Досега кај тројца пациенти во земјава е детектиран британскиот сој на коронавирусот. Надлежните здравствени власти на 27 јануари 2021 година објавија за првиот пациент заразен со британскиот сој на коронавирусот во земјава, кој веќе е оздравен. Вирусот беше детектиран во приватната лабораторија на клиниката „Жан Митрев” во Скопје, при анализа на примероци од јануари.

Министерот Филипче информира дека се подготвени листите на здравствените работници и хронично болни кои први ќе се вакцинираат. Според утврдениот Национален план за имунизација на населението, вакцинацијата против КОВИД-19 ќе се спроведе во три фази. Во првата фаза, предвидено е да се вакцинираат здравствените работници кои се во првата линија на одговор во болнички услови со висок и многу висок ризик за стекнување и пренесување на инфекција. Во оваа фаза, предвидено е да се вакцинираат и следните приоритетни групи: постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смрт исход, дефинирани со ризик врз основа на возраст, лица постари од 70 години.

Во втората фаза, предвидено е да се вакцинираат групите на постари возрасни лица со висок ризик да развијат болест, компликации и смртен исход, кои не се опфатени во првата фаза, лица на возраст од 65 години и постари. Во планот за вакцинација, опфатени се и лицата на возраст од 20-65 години со коморбидитети или здравствени состојби детерминирани како значително висок ризик за стекнување на тешка болест, компликации или смртен исход. Здравствени работници со умерен ризик да стекнат и пренесат инфекција, вработени во витални институции за нормално функционирање на општеството, како и вработени во образовни институции вклучени во настава со физичко присуство и вработени во детски градинки.

Во третата фаза, опфатени за вакцинација се приоритетните групи: останати есенцијални работни места за нормално функционирање на општеството, останати вработени во образование (основно, средно и високо), социјалните групи со зголемен ризик од стекнување и пренесување на инфекција затоа што не се во состојба да одржуваат физичка дистанца, здравствените работници со низок ризик да стекнат и пренесат инфекција и здравите лица на возраст од 30-64 години.

За спроведување на вакцинацијата ќе се користи постоечката здравствена инфраструктира и кадарот кој досега ја спроведува вакцинацијата. Во прв ред, тоа се превентивните служби за имунизација во рамки на Здравствените домови во кои се врши задолжителната имунизација и епидемиолошките служби во Центрите за јавно здравје и нивните подрачни единици, во кои се врши имунизација по епидемиолошки и клинички индикации.

Според надлежните, вакцинацијата е само една од повеќето превентивни мерки кои се користат во борба против ширењето на пандемијата. Другите мерки – носење на заштитна маска, одржување на физичка дистанца и хигиена на рацете, заедно со вакцинацијата ќе овозможат најдобра заштита од КОВИД-19 и сузбивање на пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот