Отворање на изложбата во Даутпашиниот амам

Со ретроспективната изложба на Кирил Ефремов, Националната галерија успешно ја заокружи 2025 година

Со отворањето на ретроспективната изложба „Меѓу реалноста и сонот“ на Кирил Ефремов, Националната галерија успешно ја заокружи 2025 година со програмските содржини поддржани од Министерството за култура и туризам.

Творештвото на Кирил Ефремов во доменот на надреално-фантастичното сликарство има посебно значење во поширокиот контекст на македонската уметност. Ретроспективната изложба отвора можност публиката да го согледа творештвото и развојниот пат на Кирил Ефремов во целина, укажувајќи на неговото место и значење во развојот на македонската современа ликовна уметност.

Пред бројната публика на отворањето на изложбата на 25 декември во Даутпашиниот амам се обратија Јордан Ефремов, професор на Ликовната академија при универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, син на Кирил Ефремов, и кураторот на изложбата, Горанчо Ѓоргиевски. Автор на текстот на монографското издание е проф. д-р Владимир Величковски.

Јордан Ефремов и Горанчо Ѓоргиевски

Сликарот Кирил Ефремов (Штип, 1938 – 2020) своето присуство во македонската уметност го најавил во почетокот на 60-те години на 20. век. Сликарство завршил на Училиштето за применета уметност (проф. Лазар Личеноски и други), а Академија на ликовни уметности (I степен) во Белград.

– Кирил Ефремов во почетокот на своето творештво и последователно ја потврди својата определеност за предметното творештво во временски периоди кога доминираше енформелот и апстрактната уметност. Неговата ориентираност кон сликарство со надреално-фантастични карактеристики ќе биде поттикнато од сликарите на белградскиот круг, особено припадниците на групата „Медијала“, која се залагаше за концептот на „интегрална слика“, со теоретски претпоставки во контекстот и релацијата на современата уметност во однос на традицијата. Таквиот став ги отсликуваше извесните противречности во модерната уметност, со нагласка на барањето на синтетичната уметност и универзалната личност на уметноста која треба да содржи философски, етички и сознајни премиси. Ефремов на свој начин го изрази немирот на тој временски период внесувајќи иреалност и романтичен дух во своето сликарство.

Следи период на интензивно барање на нов „релационизам“ во врска со класичната и модерната уметност, меѓу реалноста и фантазијата. Покрај големите сеопфатни теми на денешницата Ефремов е длабоко поврзан со домашниот амбиент и традиција, со еден специфичен свет на „личната митологија“. Тој вложи напор да ја прошири тематиката на метафоричното, како и на алегориското сликарство, обработувајќи исто така и теми од националната историја.

Во духот на отвореноста и љубопитноста кон нови искуства и сознанија Ефремов во 70-те години се свртува кон некои идеи и решенија на Салвадор Дали и поп-артот со разновидни модалитети на фигуративното со елементи на новата фигурација и на фотореализмот. Еротиката и психолошките моменти, изразноста и „грчевитата убавина“ со примери од ренесансното сликарство и модернизмот станаа негови опсесивни теми.

Со не помал интерес Ефремов обработува теми и проблематика од современиот свет, фасциниран со секојдневното поставено во неочекувани односи и со универзални значења. Значајна беше неговата општествена и професионална активност (меѓу другото бил претседател на Друштвото на ликовните уметници на Македонија), особено обемната изложба организирана во Уметничката галерија (денес Национална галерија) во 1984 година – напиша проф. д-р Владимир Величковски.

Кирил Ефремов – „Појадок на сликарот“ (1988)

На преминот меѓу 2025 и 2026 година во објектите на Националната галерија се поставени ретроспективната изложба на Кирил Ефремов во Даутпашиниот амам, изложбата „Лица“ на Ангел Коруновски во „Мала станица“ и вонпрограмскиот проект со наслов „Рефлексии“, поглед кон творештвото на Ратка и Димче Протугер, во Чифте амам. (Т.Д.)

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 314, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 3-4.1.2026)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот