Со нови сведоци продолжува судењето за кочанската трагедија
Со сослушување на нови сведоци за трагедијата, но и законски застапници на оштетените продолжува судењето за трагедијата што се случи во кочанската дискотека „Пулс“ каде што загинаа 63 млади луѓе и над 200 беа повредени.
Препорачано
На денешното рочиште, како што е најавено, треба да бидат сослушани пет сведоци.
На минатото рочиште беа сослушани сведоци на трагедијата кои ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанале во моментот кога пламените јазици и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес. Еден од исказите на шанкер од дискотеката ги разгневи родителите кои го обвинија дека лаже за да го спаси сопственикот на дискотеката Дејан Јованов Деко.
Исто така адвокатот Петре Шилегов побара за дел од обвинетите запирање на постапката откако Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција ја запре постапката за дел од полицајците и ги ослободи од обвинение дека со пропусти ја предизвикале смртта на младите луѓе.
Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина.
Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.


