Со нов оглас ќе се пополнува местото на Дуковска која беше тргната од Уставен со правен преседан
По повеќе од половина година откако судијка Елизабета Дуковска беше тргната од Уставниот суд со спорна одлука на Управниот суд, Судскиот совет конечно донесе одлука за правниот преседан и одлучи да објави нов оглас за избор на судија на Уставен од редот на судиите, според новиот Закон за судски совет кој беше донесен неодамна.
Препорачано
Иако оваа пресуда беше спорена и донесена две години откако Дуковска стана уставна судијка и исто толку години одлучуваше со својот глас, а беше судија – известител за предметот за Законот за јазиците, сепак членовите на Судски се согласија дека одлуката на Управен мора да ја почитуваат.
На почетокот на седницата, судијката Антоанета Димовска ја напушти, бидејќи токму таа ја поднесе тужбата до Управен со образложение дека Судскиот совет ја утврди Дуковска како предлог за уставен судија, инаку со 11 гласа „за“ од можни 13, не се изјаснил и за другите двајца кандидати, меѓу кои и Димовска. Таа ја поднела тужбата шест месеци откако Дуковска беше избрана во Собранието на предлог на Судскиот совет, а во меѓувреме стана членка на ова тело.
Членот на Судскиот совет, Ивица Николовски пресудата на Управен ја нарече преседан, конфузна и нејасна, изразувајќи жалење што Судскиот совет пропуштил шанса да заземе став и ја наметне својата позиција.
-Конфузна и нејасна одлука со многу празнини. Ние денеска разговараме за поништена одлука за избор на друг орган, законодавниот, и денеска ние држиме жежок костен. И се согласувам ние немаме друга можност освен да постапиме по одлуката, која е правосилна – изјави Николовски.
Претседателот на Судскиот совет Александар Камбовски рече дека од пресудата произлегува дека кога се давал предлогот од Судскиот совет се направени пропусти поради коишто е и одлуката на Управниот суд.
-Од напатстивијата на Управниот суд не е спроведена законита, транспарентна и објективна постапка по мерит систем и со почитување на законот за Судскиот совет. Мое мислење е дека треба да постапиме по новиот Закон за Судскиот совет и треба да објавиме оглас согласно член 103, кој пропишува кој се може да се јави и на тој начин ќе обезбедиме еднаков пристап за сите судии кои сакаат да се пријават. Според мене, единствен начин да постапиме по напатствијата на Управниот суд е овој – изјави Камбовски.
Џенета Бектовиќ изјави дека се согласува со предлогот и рече дека во најкраток рок треба да се изврши и промена во Деловникот за работа на Судскиот совет, со оглед дека не е усогласен со новиот Закон за Судски совет.
-На тој начин нема да им се ускрати правото на претходните тројца кандидати и истовремено ќе им се даде можност на сите останати што би сакале да се пријават. Со тоа ќе се обезбеди мериторна и транспарентна постапка за избор на судија на Уставниот суд – изјави Бектовиќ.
Иако во пресудата на Управен, на Дуковска не ѝ беше дадено право на жалба, таа, повикувајќи се на Уставот, поднесе жалба до Вишиот управен суд кој ја отфрли како недозволена. Таа поднесе и претставка до Судскиот совет за утврдување одговорност за сите судии што учествувале во носењето на таквата пресуда.


