Со куршумот порака пукна врската помеѓу Таравари и Села

Фото Колаж на СП

По Централното собрание на партијата в сабота ќе се знае дали Алијанса на изборите ќе оди сама или со опозицискиот Европски сојуз за промени, додека Таравари и Села силите ги одмеруваат со објави за тоа кој колкава поддршка добил од партиските тела, од функционерите и од членството.

Откако се разменија тупаници и осамна куршум пред домот на лидерот Арбен Таравари, неговите и поддржувачите на неговиот претходник на таа позиција Зијадин Села испратија смирувачки тонови за деескалација на ситуацијата во веќе поделената партија.
Во очекување на седницата на Централното собрание закажана за в сабота, кога Алијанса ќе треба и официјално да пресече дали на изборите ќе оди сама или со опозицискиот Европски сојуз за промени, Таравари и Села силите ги одмеруваат со објави за тоа кој колкава поддршка добил од партиските тела, од функционерите и од членството. По жешката атмосфера и разидувања помеѓу двата табора, неизвесна е и одлуката на Централното претседателство – дали партијата ќе се консолидира и ќе застане зад еден предлог или ситуацијата ќе кулминира и со официјална поделба на Алијанса.

Дритон Небиу, Зијадин Села, Фото: Фејсбук Небиу

Не поминаа ни 24 часа откако Дритон Небиу, директор на Агенцијата за управување со одземен имот доби боксирач в лице од Кренар Османи, поддржувач на Таравари, партискиот лидер вчера пред влезот на својот дом пронашол куршум. Куршумот во полиција го пријавил вработен во кабинетот на гостиварскиот градоначалник Таравари по што е започнат увид на местото на настанот. Полициска екипа извршила комплетен увид, зрното е фотодокументирано и подигнато за вештачење.
Села, претседателот на Собранието, на прес-конференција порача дека никој во партијата, па ни претседателот Таравари, не смее да носи одлуки оти според Статутот на партијата за тоа се надлежни партиските тела.

– В сабота ќе го свикам највиското тело на партијата кое ќе одлучува за одговорноста на претседателот Таравари – рече Села.

Фото: ТВ Коха

Во врска со барањето на Села, од висок функционер на Алијанса од таборот на актуелниот претседател Таравари обајснува:

– Каква одговорност се бара кога 84 од вкупно 136 члена на Собранието се потпишале за поддршка на предлогот на Таравари за изборен настап заедно со албанската опозиција. Претседателот на Алијанса има поддршка и не размислуваме дека Села би можел да се обиде да ја преземе партијата. Само Конгресот може да го смени Таравари. Партискиот печат е кај него. Ако на состанокот има обид да се претстави дека Таравари нема поддршка, тоа лесно се докажува бидејќи судски е заверено кои се членовите на Собранието – вели нашиот соговорник.

Според него, зад одлуката на Таравари партијата да оди на избори заедно со опозицискиот ЕСП се двајца од осумте пратеници – Халил Снопче и Абдула Салиу и двајца од тројцата министри, Азир Алиу и Фатмир Меџити, потоа од 13 членови на Собранието од Гостивар зад лидерот застанале 12, од Куманово и Липково се потпишале 16 (од 18), а од Тетово седум (од 10) ставиле потпис за предлогот на Таравари.

Таравари и поддржувачите се уште не решиле дали ќе присутвуваат на состанокот в сабота и дали претседателот и официјално ќе го достави предлогот за изборен настап заедно со ЕСП, бидејќи велат дека им е побитно ситуацијата да се нормализира и да спласнат страстите.

Веднаш по прес-конференцијата на Села, во ресторанот „Седра“ во Тетово, поддржувачот на Таравари, Османи, со тупаници го нападнал Небиу, кој се спротиставил на одлуката на Таравари. И овој инцидент бил пријавен во полиција од каде информираа дека преземаат мерки за расчистување и за документирање на случајот.

– По прес-конференцијата на Села, четириесетина сопартијци отидовме во тетовски ресторан. Муабетевме дека е добро оти се заврши без проблеми, дека има кој да ја води Алијанса за партијата да не се подели, а тоа е Села. Од никаде дојде Кренар Османи, ме нападна и со боксирач ме удри во лицето. Се стрчаа келнерите и не дозволија да се случи поголем инцидент. Османи ми дофрлуваше: кој си ти да продаваш туѓи имоти и да дејствуваш против ВМРО-ДПМНЕ. Сум добивал закани, но ова е првпат физички да ме нападнат. Сега сум добро, само што се уште сум вознемирен – раскажува Небиу за „Слободен печат“.

Тој претпоставува дека е нападнат или поради тоа што е директор или поради тоа што во спорот тој е за Села и за опцијата Алијанса самостојно да оди на парламентарните избори.

– Верувам дека полицијата ќе го приведе напаѓачот, бидејќи во ресторанот ми се закани и дека ќе ме убие – вели Небиу.

Алијанса најостро ги осуди одделните инциденти.

„И да ни се разделат патиштата, сепак тоа да го направиме како цивилизирани и семејни луѓе. Може да имаме недоразбирања и несогласувања, но воопшто не треба да се оддалечиме еден од друг од нашата заедничка куќа. Додека сите заедно се трудиме да го најдеме правиот и вистинскиот пат, повикуваме на самоклонтрола и смиреност. Ние сме поминале многу настани заедно, и радосни и тажни“, напиша генералниот секретар на партијата, Кренар Лога.

Кренар Лога Фото: Фејсбук Лога

Расколот и превирањата почнаа кога Таравари викендов објави дека Алијанса ќе се приклучи на албанскиот опозициски фронт. На ова жестоко реагираа Села, Лога и потпретседателите на партијата кои му порачаа на лидерот дека само партиските органи можат да донесат одлука за изборниот настап. Таравари пак објави дека зад него застанале и 19 членови од последниот состав на Академијата на Алијансата за Албанците, стратешко-советодавно тело одговорно за изградба на партиските политики.

– Изразуваме целосна доверба и безрезервно го поддржуваме лидерот на Алијансата за Албанците, д-р Арбен Таравари, на патот што го трасираше за да се направат сигурни промени во албанскиот политички блок – велат од Академијата.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот