Со длабоко спознание на суштината на карактерите е поставена претставата „Череп во Конемара“ во Театар Комедија

Сцена од претставата „Череп во Конемара“ / Фотографија: Кире Галевски

Последната премиера во Театар Комедија во 2023 година се одржа на 30 декември на големата сцена во театарот, кога беше изведена пиесата „Череп во Конемара“ од светски познатиот драмски писател и филмски работник Мартин Мекдона, а во режија на Јане Спасиќ.

Многу специфична претстава е „Череп во Конемара“ во Театар Комедија. На моменти дури е тешко и да се стави во жанрот комедија заради мрачната тематика, апсурдниот црн хумор и комплексните карактери на ликовите. Режисерот Јане Спасиќ воедно е и преведувач на драмите на Мартин Мекдона на македонски јазик, заедно со драматургот Горјан Милошевски, а оттаму потекнува длабокото спознание на суштината на текстот и на ликовите.

Репликите се кратки, брзи, понекогаш и дрски. Во претставата е посветено внимание на секој детаљ, а особено прецизно се изработени карактерите на четирите ликови во претставата.

Иако станува збор за камерен актерски ансамбл, сценографијата е грандиозна и многу сликовито го претставува амбиентот во кој се случува дејството, додека костимите верно го носат карактерот на ликовите. Музиката ги потенцира пиковите во драмската игра и во претставата е користена наменски без намера да илустрира состојби.

Во претставата играат актерите Сергеј Димоски (во улогата на Мик Дауд), Елена Кузманов (како Мериџони Раферти), Виктор Арсов (како Мартин Хенлон) и Тони Денковски (полицаецот Томас Хенлон). Очигледен и силен е актерскиот влог во градењето на ликовите и во брзите трансформации, а карактерот не го доловуваат само со зборовите и гестовите, туку и со тишината помеѓу репликите.

Сцена од претставата „Череп во Конемара“ / Фотографија: Кире Галевски

Мартин Мекдона (1970) е препознатлив по својот апсурден црн хумор во драмските текстови и во филмските остварувања. Неговите најуспешни пиеси се сместени во Западна Ирска и се напишани на ирски идиом. Комбинацијата од руралните ирски предели и изместениот урбан сензибилитет им дава мрачен, насилен и смешен призвук на неговите дела.

Пиесата „Череп во Конемара“ е дел од трилогијата „Линејн“ и првпат е поставена во 1997 година во Градскиот театар во Голвеј. Во сценското поставување на македонската верзија на текстот учествуваа сценографот Валентин Светозарев, костимографката Ивана Каранфиловска Угуровска, композиторката Дарија Андовска со авторска музика и Марија Ѓоргиевска, како асистент на костимографот.

Со премиерата на „Череп во Конемара“ Театар Комедија ја спушти завесата на својата повеќе од успешна 2023 година, во која реализираше пет премиери: „Веќе не е ни смешно“, „Ревизор“, „Ало, ало!“, „Демнејќи го Годо“ (во копродукција со Турскиот театар од Скопје) и „Череп во Конемара“; угости повеќе од 28 илјади гледачи на 109 репертоарни изведби и ја објави и ја промовираше книгата „Етика: Уметноста на глумецот и на режисерот“ од Константин Станиславски.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 212, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 06-08.01.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот