Со 62 гласа „ЗА“ разрешени министрите Меџити и Алиу
Пратениците во Собранието го изгласаа барањето на техничкиот премиер Талат Џафери и со 62 гласа „ЗА“ одлучија да ги разрешат од функција министерот за здравство Фатмир Меџити и министерот за информатичко општество и администрација Азир Алиу.
Препорачано
По целодневна мачна дебата со многу аргументирања и довикувања во собраниската сала, на време и во тензична атмосфера пратениците од опозицијата и од власта првично ја завршија расправата околу предлогот за разрешување на Меџити по што пред пратениците следеше обраќање и на министерот Алиу.
Откако тој им се обрати на присутните во салата изнесувајќи ги своите ставови, без дебата се премина на гласање и со тоа беше потврдено разрешувањето на двајцата министри кои го поддржаа Таравари во намерата на престојните избори да коалицира со партиите од албанската опозиција.
Техничкиот премиер Талат Џафери во своето образложение рече дека одлуката да побара нивно разрешивање ја донел водејќи се според законот во кој стои дека во техничката влада може да има само еден опозициски субјект, а тоа како што истакна во моментов е ВМРО – ДПМНЕ, а за Меџити и Алиу рече дека поради тоа што јавно го поддржале Таравари кој отворено изјави дека ќе коалицира со опозицијата на престојните избори, ценел дека за овие двајца министри нема место во владиниот кабинет.


