СНИМКИ ОД ДРОН: Како изгледаше протестниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ

Протест на ВМРО-ДПМНЕ пред владата/Фото: Слободен печат

Вечерва најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ одржа масовен сенароден митинг на кој присуствуваа, според некои проценки околу 90.000 граѓани од целата држава. Со часови попладнево пристигнуваа приврзаниците, членовите и симпатизерите на оваа партија и на нивните коалициони партнери пред владата во очекување на обраќањето на лидерот Христијан Мицкоски.

– Промени мора да има. Оваа битка ја водам и за вас и за вашата поддршка секојдневно копнеам. Поддршката ќе заврши со промената на оваа власт, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на вечерашниот протест пред Владата.

– Големата поддршка значи промена на оваа разуздана и предавничка власт и на премиерот кој се смее дека оваа преубава земја била Западна Бугарија. Нека знае дека за мене и за вас била и ќе остане нашата мила мајка Македонија, рече Мицкоски на протестот што се одржува под мотото „Премногу е”.

Нагласи дека народот денеска доаѓа да си го земе тоа што му припаѓа, а тоа, како што рече, е слободата.

-Тука сме собрани оваа вечер илјадници со име со чест со гордост и волја која мора да донесе промени. Од денеска, па натаму вашиот глас ќе татни низ градовите и селата на Македонија. Како громогласно ехо тргнуваме да ја освоиме победата која ни припаѓа, рече Мицкоски и додаде дека вечерва се случува народ.

Порача дека народот секојдневно осиромашува поради неодговорната власт.

-Власта удри по стандардот, по земјоделството, по економијата,.. по се. Булеварите секојдневно се полнат со луѓе кои просат затоа што изгубиле речиси се. Гладот не знае за вера или нација. Реалноста е тешка и мачна. Денеска сум овде пред вас и ветувам дека нема да разочарам.  Тие ги имаат институциите, а јас заедно со вас го имам народот. Ви благодарам што се одваживте да дојдете. Ви благодарам што независно од сите закани, притисоци и уцени од власта, вие стоите овде до мене за заедно да ги менуваме работите на подобро, им порача Мицкоски на присутните.

Истакна дека во својот живот памети два собира на кои се собрал толку многу народ. Тоа, како што кажа, е собирот на 8 септември 1991 година и овој што се случува денес.

-Доколку 8 септември беше собир на надеж, овој е на разочарувањата особено во последните пет години. На многумина им е прекипено од разочараноста и велат доста е. Народот сака борба и сака да се избори за својата Македонија. И тогаш и сега заедничка е борбата за Македонија. Јас сум тука затоа што ќе се бориме, бидејќи другиот избор е Македонија да не постои. Со секој ден на власт на СДСМ и ДУИ сме поблиску да ја нема. Или ќе се бориме или ќе ја нема Македонија, потенцира Мицкоски и додаде дека е неопходна општествена поддршка за обединување и создавање на силни луѓе кои носат подобри времиња.

Инаку одлуката за протестот ја донесе Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на 17-ти минатиот месец, упатувајќи критики до власта за неспособност за соочување со економската и финанансиската криза придружена со постојан пораст на цените и висок процент на инфлација, зголемување на јавниот долг, неефикасна и неодговорна дипломатија за формален почеток на пристапните преговори со ЕУ.

На протестот му претходеше отворено студио пред влада, на кое пратеници и видни членови на партијата ги искажаа своите ставови за проблемите во државата: економски, енергетски, образовни, здравствени поради кои е големо незадоволството кај граѓаните, нагласија говорниците.

-5 години сме сведоци на едно Собрание коешто не функционира, имено преку непочитување на опозицијата Собранието е само продолжена рака на Владата предводена од СДСМ и ДУИ. И денеска овој протест гледаме дека ќе има огромен одзив, огромна масовност, пристигнуваат автобуси од цела Македонија кои се незадоволни. Голем дел од сето тоа има и Собранието, функционирањето на поделбата на власта. Она што можеби и јас како пратеник најмногу можам да го видам од Собранието е тоа што генерално имаме насила носење на закони кои се многу чести за лични, лукративни интереси, закони кои што не значат добро на граѓаните и закони на кои ние мораме да ставиме крај и мораме да ги сопреме и да кажеме доволно е и дека ова што се случуваше досега веќе не може да продолжи да се случува, истакна Ели Панова, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник во Отвореното студио пред влада на Протестот за промени – Премногу е!

Панова додаде дека на протестот ќе присуствуваат голем број на граѓани бидејќи се незадоволни од владеењето на СДСМ и ДУИ, бидејќи како што рече голем број на проблеми со кои се соочуваат граѓаните не им се решени.

Самиот одзив кога ги каневме граѓаните да дојдат да ни се придружат и да присуствуваат на овој сенароден протест беше огромен. Се бараше превоз плус за да може да пристигнат повеќе луѓе кои сакаат на овој начин да покажеме дека навистина е премногу и навистина е доволно. Доаѓаат многу автобуси, колони автомобили затоа што ние од тој крај одблиску видовме со што ќе се соочува цела Македонија затоа што имено СДСМ со Зоран Заев кој е од тој крај, можеби ние најблиски од таму знаеме  каков е начинот на владеење на Заев, каков е начинот на владеење на СДСМ, предупредувавме, зборувавме на граѓаните што ќе следува но требаше да помине некое време за самите да го видат тоа. Многу е големо незадоволство, има многу големи проблеми кои се наталожени и мислам како поминуваат годините  мислам таму конечно ќе падне тој бастион кој беше на СДСМ, кажа Панова.

Елена Маркова претседател на Комисија за енергетика на ВМРО-ДПМНЕ во Отворено студио пред Влада, нагласи дека состојбата во енергетиката е катастрофална, укажувајќи дека тимот на власта кој што ја води енергетиката ја доведе земјава до една таква катаклизмична ситуација од која ќе треба многу години за да од минусот се стигне до нула, а потоа да се надгради.

Состојбата во енергетиката е катастрофална, дури би рекла и катаклизмична. Состојба на константно зголемување на цените на сите енергенси. Меѓутоа и состојба која што мене навистина ме плаши, затоа што ние имаме една ситуација во која постојано го намалуваме домашното производство, а цените на берза на електричната енергија и на сите енергенси растат. Постојаното зголемување на цената на енергенсите влијае на цената на  продуктите кои што ги набавува народот, рече таа и додаде:

Под плаштот на светската енергетска и европската енергетска криза успеваат да се прикријат СДСМ. Меѓутоа од власта како што ја водат енергетиката едно е јасно уште од јули 2020-та година го имавме првото покачување на електричната енергија, па потоа јули 2021 година и тоа во период кога светот не познаваше енергетска криза. А, веќе декември 2021 година започна енергетската криза. И она што е многу страшно значи имаме константно покачување на цените на енергенсите, посебно на електричната енергија, а намалување на домашното производство и создавање на загубари на домашните енергетски компании, вели Маркова.

Тимот на власта кој што ја води енергетиката земјава ја доведе до една таква катаклизмична ситуација од која ќе треба многу години за да од минусот се стигне до нула, а потоа да се надгради. Тимот не е во можност постоечките објекти да ги одржува и раководи, а не пак да изгради нови, објасни Маркова.

Претседателка на комисија за образование и наука на ВМРО-ДПМНЕ, Весна Јаневска истакна дека со СДСМ ни се случува катастрофа во образованието и таа се зголеми со концепцијата која СДСМ ја воведе има многу фалинки, но и е неспроведлива, со која сакаа да ја укинат македонската историја и да се пишува според потребите на туѓи интереси, а исто така со неа се укина правото на учениците да имаат бесплатно образование, а дигитализацијата воопшто испадна дека не е дигитализација, и Направија и драстична дискриминација помеѓу сиромашните и богатите.

-Тој концепт ќе мора да се ревидира. После концепцијата следеа други катастрофи, не проработи Националната платформа која силно ја најавуваа, па мораше школската година да се одложи за еден месец. И тогаш не им пречеше што заради нивна грешка се изгуби еден месец, но им пречеше штрајкот на наставниците. Наставниците се малтретирани од сите страни, трпат разни притисоци. За платите да не зборуваме, дури и со ова покачување што ќе го добијат ќе имаат плата помала од просечната, и да не зборуваме дека тие пари во октомври инфлацијата ќе ги изеде. Штрајкот беше прекинат брутално со манипулација и нелегално искористување на закон и со јавни закани дека ќе изгубат работа, нагласи Јаневска.

Стефан Андоновски, секретар за меѓународна соработка на ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека овој протест е за националните порази кои ги прави владата на СДСМ и ДУИ на отворена сцена и дома, додавајќи дека време е за промени и конечно државата да се движи напред.

Oна прашање кое што најмногу го слушам од граѓаните со кои поразговарав тука, но и со оние кои што разговарав изминатиот период се националните омаловажувања. Тие сакаат овие порази да престанат. Овој протест е најмногу за националните порази кои ни се случуваат на отворена сцена и дома, но и надвор од Република Македонија. Не треба да ги споменувам двата најнови, најсвежи примери, едниот кога не нарекуваа Западна Бугарија, а второто кое се случи овие два дена, тоа се предлози со кои се негира македонскиот идентитет, македонската посебност, јазик и македонската историја, смета Андоновски.

На овој начин  граѓаните сакаат да кажат дека им е доста од овие анационални политики, граѓаните знаат и се сеќаваат дека Македонија може да води политика која што носи победи и успеси, токму за таква политика  денеска протестираме. Затоа што е време да ги заборавиме поразите и да одиме напред. Се гледаме пред владата, рече Андоновски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот