Снема струја во Собранието, дадена е пауза
Невремето што попладнево го зафати Скопје, предизвика да снема струја во Собранието. Дадена е пауза на расправата за новата влада која треба да биде избрана најдоцна до полноќ. Од 60 говорници, останато е да зборуваат уште седуммина.
Препорачано
Седницата е прекината поради недостиг на електрична енергија додека да се надминат техничките проблеми.
Дебатата се одвиваше со критики. Опозицијата го критикуваше изборот на кандидати за министри, а пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ ја бранеа програмата и кадрите.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Дафина Стојановска му порача на премиерот и на идните министри да ја спроведуваат програмата. Рече дека сите министри смета дека се чесни луѓе со професионални компетенции.
– За прв пат после 10 избори и реконструкции на влади во изминативе седум години имам можност и чест да зборувам за предлог за Влада и нејзина програма. Одговорноста е една од најбитните компоненти за една личност, за еден народ, за една држава и особено за една власт, истакна Стојаноска.
Според неа, народот му дал доверба на ВМЕО-ДПМНЕ и ја казнил, како што кажа, аздисаната власт на ДУИ и СДСМ.
Јованка Тренчевска од СДСМ, пак, смета дека нема нов почеток со стари, како што кажа, корумпирани кадри.
– Очигледно е дека есапот во Белата палата и надвор од неа не е ист, па се измислуваат нови министерства, се распарчуваат постоечки министерства само да се задоволат апетитите на сателитите на ВМРО-ДПМНЕ, рече Тренчевска, која смета дека реформи со новата влада нема да има.
Според Тренчевска доаѓаат тешки времиња во однос на родовите прашања.
– Од 24 членови на владата три се жени или тоа е 12.5 проценти. Тоа е погубно за жените и за самото општество. Наместо да одиме кон поголемо вклучување на жените во политиката процесите ги враќаме назад, рече таа.
Реплицираа Весна Бедевска од ЗНАМ и Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, критикувајќи ги претходните политики и постапки на Тренечвска, како поранешна министерка за труд, кога се во прашање жените и родовите прашања.
Амар Мециновиќ од Левица зборувајќи за составот на новата влада рече дека во неа ги има сите „претходни режими“.


