Снема протези за колк и колено, два месеци пациенти со болки се оставени да чекаат или во приватна болница да искешираат 9.000 евра
Нема протези за колк и колено за ортопедски операции ниту на Клиниката за ортопедија при Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ ниту во ГОБ „8 Септември“, тврдат за „Слободен печат“ лекари хирурзи кои додаваат дека ваквата ситуација предизвикува да не може да се изведат операции, а пациентите со болки плаќаат по девет илјади евра во приватните болници. Директорот на ТОАРИЛУЦ доктор Игор Мерџановски за „Слободен печат“ вели дека сосема ја укинал дополнителната дејност за протезите, затоа што се случувало тие пациенти што доаѓаат со пари, да се најдат први на листата и да бидат оперирани пред оние што чекаат. Но, според него, елективниот програм не запрел, туку функционира непречено, во моментов има 80 протези за фрактури за сите итни случаи.
Препорачано
-Дејноста е зголемена за 35 проценти, листата на чекање е намалена, нема повеќе од 100 пациенти што чекаат, но дополнителните операции се укинати, се чуваат протезите за елективниот програм, ни рече докторот.
Тој додаде дека Клиниката за ортопедски болести не е единствената што работи вградување на протези, туку тимови од оваа Клиника одат и во болниците во Велес, Тетово и Гостивар. Други извори од Клиниката пак велат дека нема доволно цементни и бесцементните протези, а фалат и некои остеосинтетски материјали за скршеници. Поради застојот, според нив, листата на пациенти ставени на чекање се зголемува.

На страницата на Бирото за јавни набавки може да се види дека на 1 април, пред дваесетина дена, директорот на ТОАРИЛУЦ доктор Игор Мерџановски потпишал анекс на договорот за протези и коскен цемент бидејќи старите се исцрпени. Според анексот, техничките спецификации на стоките се исти како и во првичниот договор, но се нарачуваат 20 проценти повеќе протези во поглед на количината. Анексот се однесува на ендопротези за колено. Претходно во јуни 2025 година беше склучен договор за јавна набавка на бесцементни протези на колк, ендопротези на колено и биполарни ендопротези за колк за период од 12 месеци.
-Два месеци во ГОБ „8 Септември“ не се оперираат колкови и колена. Чекаат повеќе од 300-400 пациенти. Тендерот за протези дури сега се распишува. Сите пациенти се со болки, едноставно нема материјали и чекаат. Едно време немаше ни шрафови ни плочки, ама сега тие материјали почнаа да пристигнуваат, изјави за „Слободен печат“ вработена во ГОБ „8 Септември“ чиј идентитет ѝ е познат на редакцијата, но инсистираше на анонимност.
Истата ситуација ги снајде пациентите и пред една година. Тогаш повеќе лекари за „Слободен печат“ тврдеа дека со месеци не вградуваат протези на колено, колк и рамо зашто ги немаат и тендерот пропаднал поради тоа што добавувачот се жалел во Комисијата за жалби по јавни набавки.
Ланската состојба во државна ортопедија беше таква што се расчистуваа листи на чекање на пациенти од 2019 година. Статистичките податоци покажуваат дека во 2019 година извршени се 518 интервенции, во 2020 година – 397 интервенции, во 2021 година – 364 интервенции, во 2022 година – 365 интервенции, во 2023 година – 597 интервенции, а во 2024 година – 600 интервенции.


