Слушачка промоција на винилното издание на албумот „Маглота лајв“ ќе се одржи во „Аудиокултура“
По една од оние ретки музички вечери што остануваат трајно запишани во колективната меморија – концертот „Маглота лајв“ (Maglota Live) во Македонската филхармонија, одржан на 30 јуни 2025, ова уникатно остварување добива своја винилна форма.
Препорачано
По тој повод, на 3 март, со почеток во 19 часот, во просторот на „Аудиокултура“, ќе се одржи слушачка промоција на грамофонската плоча, настан посветен на внимателно, заедничко слушање, разговор и споделување.
Албумот „Маглота лајв“ не е обичен концертен запис, туку звучен документ на еден комплексен, колективен и длабоко интегративен музички чин. Во оваа изведба се сретнуваат секстетот „Маглота“ на Јордан Костов и хорот „Св. Злата Мегленска“ (под диригентска палка на Летка Димовска-Полизова), создавајќи густ, слоевит и постојано променлив звучен пејзаж во кој се преплетуваат различни културни традиции, инструментални практики и вокални текстури.
– Музиката на „Маглота лајв“ функционира како отворен систем – архитектура од звук со намерно оставени празнини, во кои секоја нова изведба, секоја интерпретација и секој нов контекст внесуваат нови значења. Наместо да се стреми кон дефинитивна форма, ова дело постојано се трансформира, задржувајќи ја својата флуидност, непредвидливост и импровизаторска отвореност. Концертот во Македонската филхармонија ја потврди токму таа димензија: музиката тука не беше репродуцирана, туку повторно создадена – преку динамичен дијалог меѓу индивидуалната импровизација и колективната звучна структура, меѓу инструменталната експресија и архетипската сила на хорскиот глас. Просторот на салата, со својата акустичка длабочина и резонанца, дополнително го нагласи телесниот карактер на звукот, неговата материјалност, кревкост и отвореност. Особено значајна е и меѓународната постава на секстетот „Маглота“, составен од музичари со различни културни и инструментални позадини (Виетнам, Кина, Бразил и Русија), кои не беа собрани за да ги претставуваат сопствените традиции, туку за да ги надминуваат, создавајќи заеднички импровизаторски јазик. Во таа сложена звучна мрежа, хорот „Св. Злата Мегленска“ има клучна, трансформативна улога – не како декоративен елемент, туку како колективен глас што го проширува музичкиот простор, внесувајќи длабочина, архетипска тежина и ритуална димензија – посочува Вангел Ноневски, извршен продуцент на „Аксиома“.
Слушачката промоција во „Аудиокултура“ е замислена како интимен настан, фокусиран на искуството на слушањето – на можноста музиката да се доживее во својата целосност, преку топлината и физичкото присуство на винилот. Ова не е класична промоција, туку внимателно куриран момент за повторна средба со делото, за дијалог и споделување меѓу слушателите.
(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 322, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 28.2.-1.3.2026)


