„Слободен печат“ во Кичево: Ништо од програмата и вредностите, секој гласаше за – „своите“!
Впечатокот на екипата на „Слободен печат“ од обиколката на повеќе гласачки места и во градот, но и во руралните места е дека секој гласа за „своите“. За поддршка на Дехари, според информации од ДУИ и од кичевци, се оперира со бројка дека од албанската дијаспора се дојдени најмалку 10 авиони, 18 автобуси и околу 700 автомобили, или меѓу 4.000 и 5.000 кичевски Албанци. Дури и да се претерани бројките, сепак, во градот и околината беше евидентно дека се дојдени многу гастрбајтери.
„Гласајте за програма и за вредности, не водете етничка битка“, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски од Кичево, пред вториот круг од локалните избори. Сепак, впечатокот на екипата на „Слободен печат“ од обиколката на повеќе гласачки места и во градот, но и во руралните места, е дека секој гласа за „своите“.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Кичево во вториот, решавачки изборен круг беше преплавено од албанската дијаспора за поддршка на актуелниот градоначалник Фатмир Дехари, кој се бори за четврти градоначалнички мандат. И покрај тоа, граѓаните кои гласаа за кандидадатот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Јовановски, беа оптимисти. Јовановски по вторпат влегува во битка со Дехари за градоначалничката фотелја. И едните и другите, иако не веруваат дека и по овие избори нешто драстично ќе им се подобри живеачката, сепак, велат дека Дехари, односно Јовановски, следните четири години подобро ќе управува со општината.

За поддршка на Дехари, според информации од ДУИ и од кичевци, се оперира со бројка дека од албанската дијаспора се дојдени наајмалку 10 авиони, 18 автобуси и околу 700 автомобили, или меѓу 4.000 и 5.000 кичевски Албанци. Дури и да се претерани бројките, сепак, во градот и околината беше евидентно дека се дојдени многу гастaрбајтери. Доказ за тоа е и излезноста која за некој процент е повисока во однос на првиот изборен круг.
Во чајџилницата во Србица пиеја чај кичевски Американци
Во селската чајџилница во родното село на Дехари, Србица, во Осломеј, нè пречекаа гастарбајтери не само од европските држави, туку и од Америка. Сите пристигнале за да го поддржат актуелниот градоначалник.
– Дојден сум од Америка за да гласам Дехари да остане градоначалник. Задоволни сме од неговото досегашно управување со општината – вели Дашмир Ајдини.

Мустафа Арслани, кој по потекло е од Србица, а сега живее и работи во Финска, вели дека допатувал во Македонија само за да гласа за Дехари.
– Глава даваме, Кичево не го даваме – вели еден од присутните во чајџилницата, за веднаш да искоментира дека се шегува и дека кој ѝ да победи, битно е добро да раководи со Кичево. За веднап да додаде дека му е помило да остане актуелниот градоначалник.
– Сите сме луѓе, ама секој сака да победи од неговиот етникум, нели е така? И вие сакате да победи вашиот Јовановски. Градот никогаш подобро не функционирал. Сè уште не е дојдено време да не се гласа етнички – додава соговорникот од Србица.
Ним не им пречат ни скандалозните аудиоснимки во кои се слуша како Дехари со сексуални алузии се обраќа на вработена во општината и како навредува жени од општинската администрација. Овие снимки се вртеа на интернет и пред првиот и пред вториот изборен круг. Тие за скандалот велат:
– Сите политичари се исти. Зарем во Скопје не се такви? – беше реторичкото прашање.
Фатмир Скендери, кој во Србица е дојден од Германија, вели дека е дома и за да го види семејството, но и за гласање. Тука е од пред две недели. Гласал и во првиот изборен круг. Иако вели дека ќе гласа за Дехари, тој сепак додава дека не е задоволен од севкупните состојби во државата.
– Не само од Фатмир, не сум задоволен од државата. Сè треба да се смени, од Скопје до Кичево. Што да кажам, ние сè уште зборуваме за канализација – вели Скендери.
На гласачко место во основното училиште „Герг Кастриот Скендербег“ во Србица, екипата на „Слободен печат“ забележа групно гласање. Од избирачкиот одбор реагираа, откако укажавме дека на повозрасната госпоѓа не треба да ѝ помага при гласањето сопругот, туку некој од избирачкиот одбор.
Во градот порасоположени за промени
Граѓани кои гласаа на избирачките места во интернатот „Мирко Милевски“ и во основното учиилиште „Кузман Јосифовски Питу“ во Кичево велат дека на градот му е потребна промена.
– Задоволни сме од раководењето на Дехари, но сметаме дека може подобро. Потребна е промена по трите мандати на Дехари – вели млад пар кичевци, етнички Албанци.

И друг соговорник, кој сакаше да остане анонимен, вели дека на Кичево му е потребна промена и дека ако со општината управува Македонец, ќе има помалку национализам.
Горан Мирчевски, пак, е дециден дека на градот му е неопходна промена.
– Не сум задоволен од Дехари. Но и другиот ако дојде и ако краде, нема да бидам задоволен. Треба чесно управување со општината – вели Мирчевски.
Јовановски во првиот изборен круг водеше пред Дехари со освоени 11.682 гласа, наспроти 5.586 гласови. Сепак, ако дел од гласовите на независниот Шкодран Алили (4.006) и дел од гласовите на Фатмир Лимани од Вреди (4.164) се прелеат кај Дехари, сè е можно.


