„Слободен печат“ дознава: Нема жртви меѓу медицинскиот персонал, 10 лица се извадени живи од огнот

Пожар во модуларната болница во Тетово/Фото: EPA-EFE/STRINGER

Македонската јавност вечерва е шокирана од веста дека во пожар целосно е уништена модуларната ковид болница во Тетово, при што е потврдено дека засега 10 лица ги загубија животите во трагедијата.

Првиот повик дека има пожар во модуларната болница е добиен е во 21.02 часот во средата, по што противпожарната служба од Општина Тетово за три минути дошла на местото.

Веднаш е започнато со гаснењето и повикани се уште пожарникари. Како што потврдија од тетовската противпожарна бригада, на терен излегле над 30 пожарникари со 7 противпожарни возила.

Затекнале невиден пламен, а гаснењето траело меѓу 30 и 40 минути.

„Слободен печат“ од свои добро упатени извори дознава дека меѓу настраданите кои се извлечени од огнот потоа, нема медицински персонал, а од запалената болница се извлечени живи десетина лица.

Министерството за здравство потврди дека досега во пожарот во модуларната болница има 10 жртви, но можно е бројот на жртвите да биде меѓу 10 и 15 лица.

На местото на ужасната трагедија се уште трае увидот, ангажирани се тројца обвинители од Тетово и двајца од скопското јавно обвинителство, а распоредени се и припадници на ЕБР кои ќе го обезбедуваат просторот до обезбедување на сите докази.

Утре Советот на Општина Тетово ќе одржи вондредна седница на која се очекува да биде прогласен и Ден на жалост, а по утврдувањето на бројот на настраданите ќе следува и помош до нивните семејства.

Според првичните информации, кои „Слободен печат“ ги доби од терен, не се работи за експлозија на боци на кислород, бидејќи во тој дел нема боци, туку само довод на кислород.

Градоначалничката Арифи, вечерва видно потресена од трагедијата, изјави дека истрагата ќе ги утврди причините за пожарот кој одзеде најмалку 10 животи. Таа дошла на местото на настанот 10 минути по избивањето на пожарот.

Неофицијално, не се исклучуваа можноста пожарот да е подменат, бидејќи минатата недела двапати се правени опструкции во работата на модуларната болница за што е алармирана и полицијата.

Имено, болницата барала редовни полициски контроли, па затоа, дознаваме, имало зголемена контрола од полициски патроли во делот околу болницата.

Некои од изворите се сомневаат дека во прашање е саботажа, која е планирана и изведена токму на најголемиот државен празник Денот на независноста, слично како и за 2. август кога додека се честувавше Илинден на Мечкин Камен, избија пожари во кочанско кои сериозно му се заканија на градот.

Останува на истрагата да ги утврди точните причини за пожарот кој усмрти најмалку 10 лица, а конечниот биланс на трагедијата ќе биде соопштен на прес конференција во четврток.

Видео на денот