ВИДЕО: Како настанал пожарот ќе кажат истражителите, обвинителите и форензичарите

Теута Арифи/ Фото: Фејсбук

Градоначалничката на Тетово, Теута Арифи веднаш по состанокот на кризниот штаб изјави дека нема да се даваат изјави, ниту детали за трагедијата во тетовската модуларна ковид болница, се додека не се добијат попрецизни информации по завршувањето на истрагата.

-Што и од што настанал пожарот, тоа можат само истражителите, обвинителите и форензичките служби да кажат. Сите тие се на лице место, ќе работат колку имаат услови вечерва и утре цел ден, изјави градоначалничката на Тетово Теута Арифи.

Изјави не дадоа ниту премиерот Зоран Заев и министрите кои вечерва беа во Тетово веднаш по несреќата, во која официјално, според Министерството за здравство, животот го загубија 10 лица, пациенти во модуларната ковид болница, но се очекува бројката на загубени животи да биде поголема.

Премиерот Заев преку Фејсбук изрази сочуство до семејствата на жртвите.

-Огромна трагедија се случи во тетовскиот КОВИД-19 центар. Експлозија предизвикала пожар. Пожарот е изгаснат, но згаснаа и многу животи. Борбата за живот трае сѐ уште, a сите служби реагираа пожртвувано и спасуваат луѓе. Изразувам најдлабоко сочуство до семејствата и блиските на починатите и посакувам брзо закрепнување на повредените. Причините за пожарот ќе бидат утврдени, за што правосудните органи се веќе на терен. Ова е навистина трагичен настан и можам да ве уверам дека целиот државен врв е посветен на брзо разрешување на оваа ситуација. Во моментов трае кризниот штаб во Општина Тетово, напиша Заев на Фејсбук.

Пожарот од вечерва го истражуваат тројца обвинители од Основното јавно обвинителство во Тетово и двајца обвинители од Скопското јавно обвинителство, соопшти Јавното обвинителство.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот