Сливниците и капаците на шахтите ќе се заклучуваат за да се спречат кражби

Шахти, Фото: Архива

Крадењето на капаците од шахтите и на решетките на сливниците трае со години наназад а интензитетот со кој се крадат, зависи од цената на металите во дадениот момент.

Отворените шахти и сливници се сериозна закана за здравјето и безбедноста на луѓето, особено во доцните вечерни часови кога видливоста е значително помала. Ваквата состојба најчесто е последица на крадењето на капаците на шахтите и на решетките на сливниците, од страна на несовесни граѓани, кои украдените делови ги користат за свои лични потреби или пак ги продаваат во отпадите за старо железо за ситен профит. За жал, ваквите отворени шахти и сливници, можат да се забележат насекаде во градот.

Токму во обид да се придонесе кон намалување на долгогодишната практика на крадење на капаци и на сливници од шахтите во Скопје, ЈП „Водовод и канализација“ од годинава ќе започне со поставување решетки за сливници и капаци за шахти со систем за заклучување. Со овој нов начин за заштита на веќе поставените капаци на шахти и решетки на сливници, од претпријатието имаат за цел да се намали ваквата појава, но истовремено и да се превенира од настанување материјална штета која ја претрпуваат возилата и што е многу поважно да се спречи повреда на повозрасни граѓани или пак на деца.

– ЈП „Водовод и канализација“, како превенција на оваа појава, годинава започнува со имплементација на проект за поставување на решетки за сливници и капаци за шахти со систем на заклучување, со што ќе се делува во насока на спречување на кражбите. Замената на решетките за сливници и капаците за шахтите со систем за заклучување ќе оди постапно, во согласност со плановите за работа. Во овој момент во претпријатието, за овој пилот проект се набавени системи за заклучување за 800 решетки за сливници и 800 капаци за шахти. Екипите на ЈП „Водовод и канализација“ ќе имаат пристап до нив со цел одржување на атмосферската и канализационата мрежа и нејзиното непречено функционирање – информираат од ова јавно претпријатие.

Оттаму велат дека ова нема да биде единствениот новитет кој имаат за цел да го имплементираат оваа година.

– Освен тоа, претпријатието ќе спроведе и набавка на композитен материјал за изработка на решетки за сливниви и капаци за шахти, материјал кој не е атрактивен, за разлика од железото – ги објаснуваат своите идни планови од ЈП „Водовод и канализација“.

Појавата на кражбата на капаци од шахти и решетки на сливници трае со години, а интензитетот со кој се крадат, зависи од цената на металите во дадениот момент. Сепак, од ваквата ситна заработувачка на одредени поединци, најчесто покрај тоа што јавното претпријатие трпи одредена материјална штета, најмногу страдаат граѓаните кои заработуваат полесни или потешки повреди, во отворените дупки пропаѓаат и миленичиња, а оштетувања трпат и моторните возила. За среќа, според информации добиени од ЈП „Водовод и канализација“ во изминатиот период појавата на крадење на капаци од шахти и на решетки од сливници е многу помала споредбено со интензивното крадење кое се случуваше на почетокот на годината.

– Во моментов, можеме да кажеме дека имаме мирна ситуација, со оглед на бранот на кражби на решетки од сливници и капаци од шахти кој се појави на почетокот на годината – заклучуваат од ова јавно претпријатие.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот