Сликовницата „Штркот Гвин“ од Марина Мијаковска ги афирмира убавините на градот Скопје
Новата сликовница „Штркот Гвин“ од Марина Мијаковска излезе во издание на „Едука мак“ од Скопје. Во сликовницата авторката низ сугестивна и повеќеслојна приказна ги прикажува авантурите на штркот Гвин.
Препорачано
Книгата е наменета за деца од училишна возраст, но и за секој читател без разлика на возраста. Во неа има дидактичка порака и едукативни елементи. Оваа сликовница е инспирирана од градот Скопје и неговото богато историско и културно наследство. Книгата ги афирмира убавините на градот Скопје и македонската култура.
Од приказната во „Штркот Гвин“ може да се научи многу за штрковите, какви птици се, колку живеат, како се хранат, зошто се преселуваат?; каков е градот Скопје? Зошто Скопје има богата култура? Штркот Гвин од Трансилванија доаѓа во Скопје како гостин, но потоа приказната има пресврт и тој од гостин станува домаќин.
Пораката на оваа книга е дека „Домот е таму каде што ти е срцето!“ Тоа е позната скопска поговорка во која се уверува и штркот Гвин што се сместува на Скопското Кале.
Целта на оваа книга на Марина Мијаковска е да го афирмира културното наследство на градот Скопје со неговите важни културни спомен обележја: Старата скопска чаршија, Камениот мост, Скопското Кале, плоштадот, итн. Текстот има богати илустрации од илустраторот Игор Јовчевски. Сликовницата може да се најде во книгоиздателството „Едука мак“.


