Скулпторот Жарко Башески со самостојната изложба „Рефлексија“ ќе биде претставен во Приштина

Во рамките на меѓународната соработка, Националната галерија на Република Северна Македонија ја организира изложбата „Рефлексија“ на македонскиот скулптор Жарко Башески. Изложбата ќе биде отворена на 12 ноември во Националната галерија на Косово во Приштина, а ќе биде достапна за јавноста од 12 ноември до 12 декември 2021 година.

Интересот на уметничката дејност на Жарко Башески е свртен кон човекот. Оттаму произлегува и интересот за хиперреалистичниот пристап во оформувањето на концептот на неговите дела, кои во теоретската проекција го надминуваат и хиперреализмот, зборувајќи за животот и светот во кој што живееме, објаснуваат од Националната галерија.

Творештвото на Жарко Башески е изложувано во повеќе галерии и музеи во земјава, регионот, Европа и светот, а беше претставник и на Македонскиот павилјон на 54-тото Меѓународно уметничко биенале во Венеција во 2011 година.

Со учеството на изложбите „50 години хиперреалистична скулптура“, која е презентирана на сите континенти во светот, и „Корпус домини“ (во Кралската палата во Милано, 2021), на кои изложуваат влијателни светски уметници, како Маурицио Кателан, Дуан Хансон, Јозеф Бојс, Аи Вајвај, Јозеф Кошут, Кристијан Болтански и многу други, Башески го привлекува вниманието на галериите и музеите и постојано е присутен на значајни изложби во репрезентативни изложбени простори.

Хиперреалистичното дело „Очајност“ на Жарко Башески

Со своите дела Жарко Башески жестоко ги коментира рецентните општествени, политички и културни превирања, како на локално така и на глобално ниво. Во контекст на неговиот интерес за реакција на социо-општествено-политичките идеологии од далечното и блиското минато, иронично и интеррогативно, понекогаш и саркастично реагира со транспонирање и редефинирање на актуелните состојби, при што го соголува системот во кој главен збор водат организации на водечките светски сили што под превезот на „подобрување на животот“ го преструктуираат глобалниот поредок, сè заради зачувување на сопствениот интерес. Луѓето се современи сведоци на драматичните мали и големи промени што општествата ги доживеале во историјата која постојано се повторува, констатира ликовната критика.

Жарко Башески, роден во Прилеп во 1957 г., е македонски вајар и професор на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Дипломирал на ФЛУ во Скопје на Катедрата за вајарство во 1988 г. Постдипломските студии ги завршил на истиот Факултет во 1998 година. Од 2000 г. до денес работи како професор на ФЛУ во Скопје, во звањето редовен професор.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот