Скопските судии не се плашат од коронавирусот

Основен суд - зграда / фото: ''Слободен печат'' - Драган Митрески

Рочиштата во Кривичниот и Граѓанскиот суд засега се одржуваат според претходно утврдениот план и од страна на судот нема одлагање поради коронавирусот.

Коронавирусот не ги одложи судските рочишта во двата најголеми судови во државава Основниот суд Скопје 1 познат како Кривичен суд и Скопје 2, односно Граѓанскиот суд. Рочиштата засега се одржуваат според претходно утврдениот план за одржување на судските постапки. Од Кривичен велат дека сите закажани судења за кои постојат услови да бидат одржани, нема да се одлагаат се до евентуално нови насоки од Министерството за правда или од Судскиот совет на Македонија.

– Заради заштита на правата на обвинетите и оштетните во сите постапки, судот апелира дека било какви злоупотреби на препораките за заштита од коронавирусот со единствена цел – одолговлекување на судењата, нема да се толерираат и строго ќе се санкционираат – велат од Кривичен.

Од таму додаваат дека согласно препораките на Владата за спречување на ширење на коронавирусот како и заклучокот на Министерството за правда, судот доследно ги почитува препораките и ги презема сите мерки за заштита на вработените и странките кои се движат во рамки на судот.

– Со цел доследно почитување на препораките, судот апелира и до сите граѓани кои се јавуваат како странки во постапки или имаат било каква достава или барање до судот, како и сите обвинители, вештаци, сведоци, полициски службеници, претставници на невладините организации и медиумите и пред се адвокатите кои се најчести „посетители“ на судот, совесно да се однесуваат и да се водат по препораките на Владата – нагласуваат надлежните од Основниот суд Скопје 1.

Нивните колеги од Граѓанскиот суд, пак, ги одлагаат само оние рочишта каде од страна на странката е даден предлог за одлагање, односно за кои одлагањето е предвидено согласно одредбите од Законот за парнична постапка, како и оние рочишта, кај оние судии кои се опфатени со мерките на Владата за времено ослободување од работа и работни обврски.

– Во моментов во судот се одлагаат рочиштата само на вкупно 12 судии и тоа на четворица судии кои се во самоизолација поради патување во странство, на тројца судии кои се хронично болни и на петмина судии кои ја користат мерката за ослободување од работни обврски на родител на дете до 10 години – велат од судот.

Оттаму додаваат дека во целост ги применуваат Заклучоците од Владата на Македонија за спроведување на мерки и активности за превенција од ширење на коронавирусот се до донесување на нови мерки и препораки.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот