Скопскиот поетски фестивал понуди поинакво читање на поезијата

Поетско читање на првата фестивалска вечер

Во рамките на третото издание на Скопскиот поетски фестивал на 28 септември, од 20 часот, во кино „Фросина“ во МКЦ ќе се одржи интернационалното поетско читање на кое ќе настапат Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта), Лана Деркач (Хрватска), Мартин Глаз Серуп (Данска), Драгослав Дедовиќ (Србија), Ален Брлек (Хрватска) и Николина Андова Шопова. По поетското читање ќе следува соло концерт на гитара на Александар Бошков, со што ќе биде затворена програмата.

И последниот фестивалски ден почна со неколку настани. Се одржа час по утринска јога со поетска медитација воден од Марија Георгиева во Паркот на франкофонијата.

Во градската библиотека „Браќа Миладиновци“ ‒ Скопје се одржа настанот „Оut & About“, панел-дискусија за зголемување на видливоста на македонската книжевност во странство преку преводи и учество на книжевни фестивали. Искуствата ги споделија Тодорче Тасевски (директор на „Струшките вечери на поезијата“), Владимир Јанковски (уредник на издавачката куќа „Готен“), Дејан Трајкоски (директор на фестивалот „Про-за Балкан“), Билјана Црвенковска (преведувана авторка и уредник на издавачката куќа „Чудна шума“) и Петар Андоновски (преведуван автор).

Новитет на фестивалот се часови по утринска јога со Марија Георгиева

Во 18 часот во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, ќе се одржи промоција на „Избор из савремене македонске поезије“, кој поетесата Валентина Бакти го приреди и препеа на српски јазик.

Промоцијата ќе се состои од поетски перформанс и кус разговор со преведувачката и со Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур, а со поетско читање ќе настапат и дел од застапените поети во изданието.

Во рамките на проектот ќе биде отворена и изложба на фотографии од Радмила Ванкоска (портрети на поетите застапени во изданието). Потем од 19 часот ќе бидат емитувани неколку куси поетски филмови, еден режиран од Ѓорѓе Живадиновиќ Гргур (Србија) и омнибус со четири анимирани филмови под наслов „Небиднина“, посветени на поезијата на Ацо Шопов и во режија на Жарко Иванов, Крсте Господиновски, Иван Ивановски и Владимир Лукаш.

Поетско читање на првата фестивалска вечер

Третото издание на Скопскиот поетски фестивал беше отворено на 27 септември со поетското читање под наслов „Воздух. Ветер. Дишење.“ На отворањето настапија Санде Стојчевски, Лулзим Хазири, Моника Стојановска, Перица Сарџоски, Игор Трпчески, Николина Андова Шопова, Дарија Јовановска, Драгослав Дедовиќ (Србија), Лана Деркач (Хрватска), Ален Брлек (Хрватска), Марам ал-Масри (Франција/Сирија), Имануел Мифсуд (Малта) и Мартин Глаз Серуп (Данска). Читањето беше придружено од Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски и Владимир Лукаш со музичка импровизација на дувачки инструменти.

Годинешното издание на фестивалот го овозможија Министерството за култура и „Традуки“, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, градската библиотека „Браќа Миладиновци“ – Скопје, кафе-книжарницата „Буквa“, Хрватското друштво на писатели (ХДП), Данската фондација за уметност, „ПНВ Публикации“ и „Бест Вестерн Хотел Турист“. Медиумски покровител е „Нова Македонија“, а медиумски партнер е „Култура Бета“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот