Скопска премиера на претставата „Нема да биде крај на светот“ во режија на Нина Николиќ

По премиерната изведба на 18 септември во Сараевскиот ратни театар – САРТР, Сараево, а во рамките на 46. МОТ, на 27 ноември, на малата сцена во МНТ, со почеток во 20 часот, пред скопската публика премиерно ќе се одигра претставата „Нема да биде крај на светот“ од авторот Аднан Лугониќ, а во режија на Нина Николиќ.

(Премиерата на претставата беше предвидена за 24 ноември, но поради прогласената тридневна жалост на 23, 24 и 25 ноември по сообраќајната несреќа во Бугарија, истата ќе се реализира во новиот термин.)

Станува збор за драма која се занимава со рушењето на интимните светови. Сите три лика, Дарја Ризова како Маша, таткото – Саша Ханџиќ и Џана Џаниќ во улогата на Нина, од драмата под кожа ја носат пропаста на сопствениот свет. Односно, светот каков што го замислувале за себе, за кој се бореле, кој го граделе или за кој мислеле дека ги чека, а тие требало само да му излезат во пресрет. Собрани под покривот на куќата во која се случил распадот на нивниот заеднички, семеен свет, тие своите индивидуални кршења си ги откриваат едни на други.

Според авторот на текстот, се чини дека планетата се разбудила и дека на човештвото му враќа за сета негова ароганција и себичност. Флоскулата „крај на светот“ никогаш не била позастапена, како во медиумите, така и во секојдневните, обични разговори. Стравот од генералното пропаѓање на планетата како да ги направи неважни сите оние мали, индивидуални „краеви на светови“.

Претставата се игра на македонски и на босански јазик, во продукција на „Перипетија продукција“ – Скопје во копродукција со Македонскиот народен театар и Сараевскиот ратни театар – САРТР. Како креативни соработници се потпишуваат костимографката Ивана Каранфиловска-Угуровска, сценографот Ангел Петровски, изборот на музиката и адаптацијата се на Оливер Митковски, (во претставата се користи и композицијата „Магдалена“ од Димитар Масевски), а соработник за македонски јазик е Ѓорѓи Јолевски.

Претставата „Нема да биде крај на светот“ на последното фестивалско претставување во Босна и Херцеговина освои четири награди: специјална награда за режија, наградата за најдобра актерка и актер, како и специјална награда за актерска игра. Претставата ќе има само една изведба на 27 ноември, извести Мила Анѓелковиќ од МНТ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 106, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 20-21 ноември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот