Мартин Богатиноски

Скопје, некој решил да те докрајчи

„Скопје на вода“ звучи како добар маркетинг. Како брошура од некој саем во Дубаи. Копија на „Белград на вода“. Но Скопје е град со историја на земјотреси, со хронична инфраструктурна немоќ, со сообраќај што веќе колабира во шпиц. Каде ќе поминат сите тие автомобили? Каде ќе паркираат? Каде ќе одат децата во градинка? Кој ќе ја прошири канализацијата, водоводот, улиците?

Не сите градови умираат само со експлозија. Има и такви што умираат тивко, со печат на урбанистичка дозвола.

Идејата дека покрај Вардар, во срцето на Карпош, може да никнат две нови населби со десетици згради, не е само урбанистичка одлука. Тоа е одлука за тоа како ќе дишеме, како ќе живееме и дали воопшто ќе можеме да излеземе од становите без чувство дека некој ни ја ставил раката на устата.

Да се разбереме: никој не спори дека покрај булеварот „Илинден“ со децении постои желба и потреба за урбанизација. Но, генералниот урбанистички план е јасен – градење до 100 метри од „Илинденска“, а понатаму парк-шума и зелен појас до реката. Таква е логиката. Градот има право да расте, но и реката има право да дише.

Проблемот почнува таму каде што апетитот станува поголем од планот.

Четириесет и две згради. Плус уште неколку блокови. Тоа не е „урбано развивање“. Тоа е бетонска офанзива. Тоа е ѕид што ќе застане меѓу градот и реката. Ѕид што ќе го пресече и онака слабото струење на воздухот од кејот кон внатрешноста на Карпош.

И секој што живее тука знае – тоа ветре е спас во јули и во август, кога асфалтот гори…

Скопје веќе е град што се гуши. Во магла, во издувни гасови, во сопствената негрижа. Кога ќе падне смогот, не се гледа Водно, не се гледа небото. И сега, во таков град, некој сериозно мисли дека треба да изградиме уште еден бетонски ѕид покрај реката?

Ќе се затнеме како затната пушка.

Вардар не е само декоративна линија на мапа. Тој е природен коридор за проветрување. Отворен простор што дозволува движење на воздухот.

Урбанистите со децении зборуваат за тоа: зелените појаси покрај реките се класичен механизам за преживување на градот. Кога ќе го затворите тој појас со високи блокови и кули, вие не градите населба. Вие создавате топлотен џеб. Урбана печка.

Ако некој мисли дека тоа е претерување, нека прошета низ веќе пренатрупаните делови од Аеродром во август. Нема струење. Нема простор. Само бетон што ја враќа топлината назад во лицето.

Има и уште една опасност – реката. Градење покрај воден тек никогаш не е невино прашање. Климатските промени не се политичка флоскула.

Поројни дождови, нагли покачувања на водостој, ерозија. Кој ќе гарантира дека утре, за 10 или 20 години, нема да се соочиме со поплави? Кој ќе ја носи одговорноста ако подземните гаражи се претворат во базени?

Град што не ја почитува реката на крајот ја плаќа цената. И тоа дебело.

Да, инвестиции се потребни. Да, развој е потребен. Но развој не значи да го продадеме последниот слободен појас воздух. Не значи да копираме туѓи модели без да ја измериме сопствената реалност.

Скопје на вода“ звучи како добар маркетинг. Како брошура од некој саем во Дубаи. Копија на „Белград на вода“. Но Скопје е град со историја на земјотреси, со хронична инфраструктурна немоќ, со сообраќај што веќе колабира во шпиц. Каде ќе поминат сите тие автомобили? Каде ќе паркираат? Каде ќе одат децата во градинка? Кој ќе ја прошири канализацијата, водоводот, улиците?

Ако дозволиме 42 згради да никнат покрај Вардар, тоа нема да биде само урбанистички потег. Тоа ќе биде порака дека јавниот интерес повторно е втор, а приватниот профит прв. Дека зеленилото е резервна варијанта, а не приоритет. Дека сме подготвени да го замениме просторот со квадратура.

Градот веќе дише тешко. Не му требаат уште бетонски греди на градите.

Понекогаш најхрабрата одлука не е да се изгради, туку да се остави празно. Да се остави простор за дрвја, за луѓе што трчаат по кеј, за деца со велосипеди, за оној скромен ветер што навечер ја лади кожата и го чисти воздухот и нè потсетува дека реката сè уште е тука.

Ако го изгубиме тоа – ќе изгубиме повеќе од еден парк. Ќе изгубиме воздух. А без воздух, ни најлуксузната кула не вреди ништо.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот