Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Скопјани внимание – „тргнаа“ мегапроектите!

Заврши работната акција со чистење на општините и садење дрвца, со правење тротоари и обележување сообраќајници и можеби градската власт навистина ќе се фати посериозно за работа.

Изминува осмиот месец од мандатот на новото градско и на општинските раководства и конечно дочекавме да се најави еден поголем проект – изведба на голем парк помеѓу реката Лепенец и пречистителната станица Волково, поточно на местото на огромна депонија во Ново Село, која ги задушуваше  жителите од околните населени места. Депонијата беше исчистена и просторот треба да се претвори во еден од, како што велат, петте ветени мегапаркови.

Фала Богу. Заврши работната акција со чистење на општините и садење дрвца, со правење тротоари и обележување сообраќајници и можеби градската власт навистина ќе се фати посериозно за работа. Уште да заврши периодот на „плачки“ на актуелната градоначалничка Данела Арсовска, ќе биде уште поубаво. Замислете го моментот кога нема секој одговор да го почнува со тоа колку неспособно било претходното раководство и дека таа сега сѐ треба да оправа – од проекти за мостови, за сали, за градски превоз. Не ѝ е лесно. Ама, еве, нели скопјани ја избраа за да биде подобра од тој пред неа? Нели таа ги убедуваше граѓаните дека со домаќинско работење и со добро менаџирање чуда ќе направи? Па „извол’те“ Данела! Граѓаните го очекуваат модерното Скопје, слоганот што толку убаво звучеше во предизборната кампања.

Што е право, очекуваат и нешто поврзано со јавниот градски превоз. Речиси ми е непријатно да го споменам зборот „бесплатен“ во актуелнава економска состојба. Сериозно! Искрено, ни Арсовска одамна го нема споменато. Последната нејзина најава беше дека ЈСП е голем загубар и дека прво ќе се работи на реорганизација на претпријатието за да може потоа етапно да се воведе бесплатниот јавен превоз за две години од почетокот на нејзиниот мандат.

Оттогаш досега се случија многу работи. Претпријатието се „реорганизираше“ со двајца директори и – толку! Нема промена на возниот ред, нема нови автобуси, па дури, како што се пожали сега веќе ексдиректорот Иван Илиевски  – нема ниту доволно возачи. Од новоименуваниот прв човек на ЈСП уште не сме чуле ни збор. Но, она што е најзагрижувачки и кое сѐ повеќе го оддалечува бесплатниот превоз од граѓаните е високиот скок на цените на горивата. Така, поскапи меѓуградскиот превоз, нови цени на услугите најавуваат и таксистите, а ЈСП и Град Скопје се во небрано. Економската логика вели дека со вакви цени на горивата може да се очекува да поскапи јавниот градски превоз, а од друга страна се ветувањата дека скопјани бесплатно ќе се возат во автобуси.

Реално, Градот и општините, исто како и граѓаните, ги чувствуваат последиците од економската криза, особено од поскапувањето на струјата. За „покривање“ на високите сметки се трошат непланирано многу пари, се штеди, се исклучува улично осветлување. Општините бараа и државна помош, но досега нема резултати, иако беа одржани две средби помеѓу претставници на ЗЕЛС и на надлежните министерства.

Уште потешко им е на граѓаните. Сѐ поскапи, буквално сѐ. Се најавува тешка зима. Луѓето се загрижени дали ќе имаат за храна, за греење. Струја ќе плаќа кој колку ќе троши. Оние граѓани што се стимулираа да се откажат од печки на дрва и им се субвенционираше набавка на инвертери или на некој друг еколошки начин на греење, сто пати се покајаа. Кој знаеше дека ова ќе се случи? Дел од нив, пак, ќе се враќаат на печки. Информациите велат дека значително е порасната побарувачката на огревно дрво. Печките повторно ќе го зголемат загадувањето на воздухот во Скопје. И така во круг…

И покрај сето тоа, не мора скопјани да се соочуваат и со наезда на инсекти и со роеви мушички. Не може човек да се движи низ градот без да му се излепат тие ситни мали здодевни бубачки по облека и да му се напикаат во очите. Град Скопје се замолува итно да преземе нешто. Да се „надгради“ прскањето против комарци и против други инсекти. Поскоро ако може.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот