ВИДЕО | Скандалозно: 170 луѓе на Кардиохирургија фантомски не биле внесени во „Мој Термин“, Обвинителството на потег

Илир Демири - министер за здраство / Фото: "Слободен Печат" / Драган Митрески

Министерот за здравство доктор Илир Демири го разреши медицинскиот директор на Универзитетската Клиника за кардиохирургија доктор Марјан Шокаровски.

Како што обелодени „Слободен печат“, минатата недела Демири на маса доби извештај од спроведен стручен надзор врз државна Кардиохирургија, каде мониторирана била смртноста на Клиниката. Смртноста за трите месеци за кои располагаме со податоци, како што веќе објавивме, изнесува 14 починати од 31 опериран пациент. Податоците се од „Мој термин“.

Министерот Демири не сакаше да го открие процентот на смртноста на Клиниката, меѓутоа „Слободен печат“ како што веќе објавивме, има податоци за три месеци од 2023 година.

Во јули 2023 година се оперирани 12 пациенти со коронарна болест од кои 6 починале. Во август 2023 година се оперирани 11 пациенти од кои поголемиот дел со коронарна болест и двајца за замена на залисток. Од нив шестмина починале. Во октомври 2023 се оперирани 8 пациенти со коронарна болест и еден со валвуларна болест. Починати се тројца.

Од шест пациенти со имплантирани механички срца петмина се починати. „Слободен печат“ од Министерството за здравство преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер го побара официјалниот извештај потпишан од стручната комисија за да добие увид во реалните состојби во детали во поглед на смртноста на Клиниката за кардиохирургија.

Но, денеска Демири при разрешувањето на Шокаровски откри скандалозен податок: 170 пациенти кои биле хоспитализирани на Клиниката за кардиохирургија воопшто не биле внесени во „Мој термин“. Поради ова, тој ќе поднесе пријава до Јавното обвинителство бидејќи се сомнева на фалсификат, односно дека некој ги бришел луѓето од „Мој термин“.

Извештајот што го добив во четвртокот не покажува значителна поврзаност за тоа дека е зголемена смртноста.

Меѓутоа има друг податок, дека има 170 пациенти кои не се регуларно внесени во „Мој Термин“ и немаат ниту отпусно писмо ниту умреница и таквите пациенти може да го поремети самиот исход. Затоа денеска одлучив да го разрешам од директор Марјан Шокаровски.

На Клиниката за кардиохирургија има крајно нарушени меѓучовечки односи, што е недозволливо, рече Демири

На прашањата на „Слободен печат“ дали е точно дека смртноста на Клиниката се движи меѓу 25 до 40 проценти тој не сакаше да даде конкретен одговор, иако рече дека ќе биде транспарентен и ќе го даде извештајот од спроведениот надзор.

Нашата редакција веќе го побара документот по Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Демири рече дека на Клиниката за кардиохирургија со пари од буџетот, односно со дневници од 700 евра по експерт, се носат експерти од Србија, од Дедиње, но кога сакал да дознае кои се, бил бојкотиран односно не му бил даден официјален извештај од страна на како што посочи – Александра Ефтимова која ја води програмата, па затоа и неа ја разрешил.

– Зошто во присуство на такви светски експерти да има таков исход и таква смртност?, праша Демири.

Демири не сакаше да открие од каде ги добил податоците дека 170 лица биле неевидентирани во „Мој термин“ а имале интервенција на Државна кардиохирургија.

Комисијата што ја формираше Демири, исто така имаше задача да испита какви се околностите за тоа што професорот Сашко Јовев беше отстранет од работниот процес, па потоа вратен на работа со одлука на второстепена владина комисија.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот