Ајфон - Фото: pexels-martin-sanchez

Скандал со Сири — „Епл“ ќе плати 250 милиони долари за лажно рекламирање

„Епл“ се согласи да плати 250 милиони долари за да го реши колективниот судски спор во кој се тврди дека компанијата ги довела во заблуда милиони купувачи на ајфон, промовирајќи можности за вештачка интелигенција во гласовниот асистент Сири кои тогаш не постоеле, пренесува „Гардијан“. 

Тужителите тврдат дека компанијата „промовирала можности за вештачка интелигенција кои не постоеле во тој момент, не постојат ни сега и нема да постојат уште две или повеќе години“, со цел да ја зголеми продажбата на ајфон уредите. Таканаречената „по персонализирана“ верзија на Сири сè уште не е целосно пуштена, иако била најавена пред речиси две години.

Американската Национална дивизија за рекламирање, која делува како регулатор за огласување, исто така заклучила дека „Епл“ погрешно сугерирала дека новата Сири со вештачка интелигенција е „веќе достапна“.

Спогодбата, поднесена за судско одобрување и без признавање вина од страна на компанијата, опфаќа околу 36 милиони уреди купени во САД – меѓу кои ајфон 16, како и ајфон 15 про и ајфон 15 про макс – во периодот од 10 јуни 2024 до 29 март 2025 година.

Секој корисник може да добие околу 25 долари по уред, а износот може да се зголеми до 95 долари во зависност од бројот на одобрени барања.

Адвокатската фирма што ја поднела тужбата соопшти дека спогодбата е значаен исход за потрошувачите и нагласи дека изборите на компаниите во периодот на развој на вештачката интелигенција ќе имаат големо влијание врз иднината на оваа технологија.

„Епл“ претходно водеше голема рекламна кампања во 2024 година за да ги промовира овие функции, но подоцна нивното воведување беше одложено на неодредено време, а рекламите беа повлечени.

Спогодбата сè уште треба да биде одобрена од судијата Ноел Вајс на сослушување закажано за 17 јуни.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот