Скандал со шпионажа во Грција: четворица моќници демнеле новинари и политичари со „Предатор“, ќе лежат вкупно 126 години затвор
Вкупно 84 телефони биле таргетирани со софтверот „Предатор“. Скандалот со прислушување, познат и како „Предаторгејт“ или „грчкиот Вотергејт“, изби во 2022 година. Во јули 2024 година, Врховниот суд заклучи дека ниедно државно министерство или агенција не користело нелегален шпионски софтвер.
Атински прекршочен суд во четвртокот, со првостепена пресуда, прогласи четворица извршни директори за виновни во врска со скандал со прислушување, поврзан со нелегалната употреба на софтверот „Предатор“ за следење или обид за следење новинари, политичари и други јавни личности, објави „Балкан инсајт“.
Препорачано
Тал Дилијан, основач на конзорциумот „Интелекса“, кој наводно го продавал шпионскиот софтвер во Грција, неговата сопруга Сара Александра Фајсал Хамоу, која обезбедувала менаџерски услуги за „Интелекса“, бизнисменот Феликс Бициос, краен сопственик на „Интелекса“, како и Јанис Лавранос, чија компанија „Крикел“ го купила „Предатор“, беа прогласени за виновни за повреда на личните податоци и тајноста на комуникациите.
Вкупно 84 телефони биле таргетирани со „Предатор“.
Ќе лежат вкупно 126 години затвор
Судот ги осуди четворицата на вкупно 126 години и шест месеци затвор, од кои најмалку осум години мора да бидат издржани. Сепак, тие остануваат на слобода до конечната пресуда и имаат рок од 10 дена за жалба.
– Ова е првата пресуда за употреба на шпионски софтвер во Грција, но претставува само добар почеток бидејќи дури и сега многу сериозни кривични дела не се истражени, како што е шпионажата и вмешаноста на трети лица, па дури и службеници од тајните служби, чија улога судот побара да се испита – изјави адвокатот на петмина оштетени чии телефони биле цел на следење, Захаријас Кесес.
Судот го проследил предметот до обвинителството со цел да се покрене нова прелиминарна истрага за наводите против повеќе други лица.
Танасис Кукакис, грчки финансиски новинар чиј мобилен телефон бил таргетиран со „Предатор“, ја поздрави пресудата.
– Во суштина, едночлениот прекршочен суд го направи она што Врховниот суд на Грција во 2024 година не го направи, ги заштити правата на граѓанинот, на новинарот, обезбедувајќи ја нивната приватност, приватниот живот и личните податоци. Оваа одлука испраќа многу силна порака дека оние што постапуваат произволно, кршејќи ги овие права, ќе се соочат со последиците од законот – изјави тој.
Скандалот со прислушување, познат и како „Предаторгејт“ или „грчкиот Вотергејт“, изби во 2022 година.
Во јули 2024 година, Врховниот суд заклучи дека ниедно државно министерство или агенција не користело нелегален шпионски софтвер „Предатор“ или друг софтвер за надзор.
Сепак, јавната дебата продолжи околу тоа дали истрагата на Врховниот суд била доволна. Дел од луѓето што биле таргетирани размислуваат да го продолжат случајот пред Европскиот суд за човекови права.


