Скандал Онкологија: Ревизорскиот извештај се издигна како феникс, а со него и сето констатирано беззаконие

Клиника за Онкологија / Фото: Слободен печат, Драган Митрески

Ревизорскиот извештај за Клиниката за онкологија иако е од март годинава, деновиве како феникс се издигнува и се актуелизира како да е првпат објавен. Дури и Јавното обвинителство во својата предистрага ги вклучи ревизорите затоа што испитува обележја на кривични дела поврзани со проневера во службата на Клиниката за онкологија. Собранието се разбуди и ја стави на дневен ред на денешната пленарна седница и оваа точка – за извршената ревизија на Клиниката за онкологија, која заврши уште во март годинава.

Голем број на црвени аларми во овој извештај сугерираат на безредие во процесот на заведување на залихите на лековите и нивното издавање. Од него се гледа дека во 2021 година, Клиниката до Фондот за здравство испратила фактури за лековите што ги потрошиле во дневната болница. Износот на овие фактури бил понизок за речиси 9 милиони денари од износот евидентиран во материјалната евиденција.

Вториот црвен аларм на Клиниката за онкологија е дека трошела повеќе пари за биолошка терапија отколку што им било дозволено со буџетот и сето тоа било правено со прекршување на низа закони. Потоа, до Фондот за здравство испратиле и фактури за лековите што ги потрошиле во дневната болнница, ама фактурата била за износ понизок од реалниот (евидентиран во материјалната евиденција) за 142 илјади евра.

„Во сметководствената евиденција постои разлика помеѓу месечните податоци за издадени лекови од аптека и примените лекови во организационите единици на Клиниката. Неусогласеноста е резултат на тоа што дел од биолошката терапија е набавена на реверс, пред склучување на договор за јавна набавка и во моментот кога таа се примала и издавала, не е внесена цена во материјалната евиденција, која се внесува по склучување на договорот. На крајот на 2021 година, заради усогласување на прометот, евидентирана е целата потрошена биолошка терапија од април до декември во износ од 649 милиони денари (10.5 милиони евра н.з.) “, пишува во извештајот.

На ваков начин, како што констатираат ревизорите, не се обезбедува целосно, точно и благовремено согледување на приемот и издавањето на биолошката терапија во сметководствената евиденција. Тоа пак, оневозможува благовремено и целосно следење на потрошокот на залихите и има влијание врз точоста на искажаните податоци во билансот на состојба.

Освен слабостите да планираат, реализираат и да контролираат како ќе се троши условниот буџет за биолошките терапии, на Клиниката немале ни протоколи за тоа кој пациент треба, а кој не треба да биде приклучен на биолошка терапија. Со други зборови, ем се трошеле повеќе пари за набавка на биолошка терапија отколку што државата одобрила – ем немало критериум на кои пациенти таа треба да им се аплицира.

„Сметководствената и материјалната евиденција на залихите не се усогласени и истите не се потврдени со состојбите по спроведениот попис, а до Фондот е фактуриран потрошок на лекови во дневна болница на износ понизок од евидентираниот потрошок во материјалната евиденција. Потрошокот на биолошка терапија во износ од 649 милиони денари кој настанал од април до декември 2021 година е евидентиран на крајот на годината, од причина што лековите се набавувале на реверс и за нив не била формирана цена“, пишува во извештајот и се додава дека ова е несоодветна примена на Законот за јавни набавки.

За појаснување, лековите на Клиниката за онкологија (биолошката терапија) не е на позитивната листа, затоа што позитивната листа не е ажурирана од 2015 година. На пазарот се достапни нови генерации на лекови за третман на онколошките заболувања, па за да се набават тие конкретни лекови (биолошка терапија), Министерството за здравство и Фондот, ѝ одобрувале на Клиниката за онкологија посебен, таканаречен условен буџет. ФЗОМ за биолошка терапија во 2021 година на Клиниката ѝ одобрил високи 481 милион денари (8 милиони евра!).

„Извршивме анализа на начинот и изборот на видот и обемот на лекови за кои е одобрен условниот буџет, нивната набавка и аплицирање на терапијата на пациенти при што утврдивме дека ФЗОМ го одобрува условниот буџет врз основа на доставен план за специфичен обем и вид на здравствени услуги, во кој меѓу другото се наведувааат податоци за типот на лекот, потребните количини и вкупниот износ за набавка на истите. Констатиравме дека планот на Клиниката не е резултат на доставени предлози од страна на стручен колегиум (колегиумот не се состанувал во 2021 година), туку е изготвен врз основа на историски податоци за потрошените количини на лекови. Оваа состојба создава ризик од субјективно и селективно определување на лекови за кои се одобрува условниот буџет кое не е поткрепено со стручна анализа и предлози и не е во согласност со член 112 од Законот за здравствена заштита“, пишуваат ревизорите.

Бидејќи во 2021 година стручниот колегиум од 12 раководители не се состанувал и не решавале заеднички за тоа кој пациент да добие биолошка терапија, секој доктор поединечно решавал за својот пациент, а потоа барањето одело кај медицинскиот директор да го добие неопходниот потпис.  Тоа било правено без да се земе предвид дали Клиниката располага со доволно количини на лекови за покривање на потребите на сите пациенти на кои им била препишана терапијата.

„Не навлегувајќи во медицинската исправност на одлуката на докторите и неоспорувајќи ја потребата од вклучување на што поголем број пациенти на биолошка терапија, констатиравме дека постои можност од препишување лекови во количини кои Клиниката ги нема обезбедено и за кои не се одобрени буџетски средства. Наведеното создава ризик биолошката терапија да не е еднакво достапна за секој пациент на кого му е препишана и не е во согласност со член 8 и 112 од Законот за здравствена заштита“ пишуваат ревизорите.

Постапката за набавка на биолошката терапија во име и за сметка на Клиниката ја има спроведено Министерството за здравство при што со економските оператори чија понуда е избрана за најповолна е склучена рамковна спогодба после која Клиниката склучила поединечни договори за јавна набавка. Со увидот во јавната набавка ревизорот констатирал дека со склучените договори во 2021 година Клиниката презела обврски за 835 милиони денари, за што имала согласност од Министерството за здравство ама не и од Фондот како што би морало да има. 

„Дополнително, износот на преземени обврски за набавка на биолошката терапија претставува 173 проценти од износот на одобрениот условен надоместок од страна на Фондот поради што преземени се обврски во износ повисок за 353 милиони денари од износот на одобрените буџетски средства што не е во согласност со член 7 став 2 од Законот за буџетите“, велат ревизорите.

Во 2021 година набавувана е биолошка терапија во период кога постапката за јавна набавка уште не била спроведена од Министерството, во износ од 294 милиони денари (4 милиони и 800 илјади евра). Имајќи предвид дека за поголем дел од биолошката терапија само еден економски оператор има ексклузивно право за нивна продажба, истата е набавувана на реверс, а фактурите се изготвени и доставени до Клиниката по склучувањето на договорите за јавна набавка.

„Ненавлегувајќи во потребата од континуирано и навремено обезбедување на биолошката терапија, констатиравме дека воспоставениот начин на набавка влијае на непочитување на начелото на конкуренција што не е во согласност со членот 5 од Законот за јавни набавки“, пишува во ревизорскиот извештај.

Горенаведените состојби укажуваат на слабости во планирањето, реализацијата и контролата на условниот надоместок, законитоста во постапувањето и влијаат на остварувањето на неговата цел.

Од пописот – боли глава

 

Ревизорите се задржале и на проверка на пописот во Клиниката за онкологија и забележале дека во извештајот за спроведениот попис не била наведена состојбата на залихите на лекови, реагенси и медицински потрошен материјал.

Клиниката немала донесено пишана процедура за процесот на прием, издавање, потрошок и евидентирање на залихата на лекови и медицински потрошен материјал во рамките на аптеката и секоја организациона единица одделно. Работењето во оваа област се одвивало согласно претходно воспоставена пракса а месечните извештаи врз основа на кои се евидентирало колку залихи се потрошиле, не биле архивирани, потпишани и одобрени од страна на одговорните лица на организационите единици.

Со ревизијата на дел од персоналните досиеја на вработените и пресметките на исплатени плати утврдено е дека дел од вработените се распоредени на работни места кои не се предвидени со правилникот за систематизација на работни места. Исто така, со решенијата за распоредување на работно место за дел од вработените определени се коефициенти и додатоци на плата кои не се во согласност утврдените во поединечниот колективен договор на клиниката.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот