Сите ветуваат решение, но не кажуваат какво: Во Скопје непречено се истовараат бездомни кучиња од други градови
Проблемот со уличните кучиња низ Скопје со години, за сите градски и општински власти, остана нерешлив и покрај обидите на ЈП „Лајка“ во последните пет години откако е формирана, со нејзините скромни капацитети и мал број вработени да обезбеди хуман третман на што повеќе бездомни животни.
Препорачано
Но, проблемот кој е засега без решение, се покажа податлива тема и на овие локални избори затоа што сите кандидати за градоначалници го спомнуваат и справувањето со кучињата скитници, но ниеден не прецизира како ќе го направи тоа. Како, на пример, ќе се справат со носењето кучиња од други градови на територијата на Скопје, на што во подолго време укажуваат граѓани кои велат дека во различни делови од градот се носат и се пуштаат групи кучиња, кои потоа збунети, дезориентирани и уплашени честопати се и агресивни кон минувачите.
Деновиве од здружението за заштита на животни „Анима мунди“ посочија дека во последниов период сведочиме на повторливи, систематски и сурови случаи на дислоцирање на цели легла и чопори кучиња во градот Скопје. Како последен случај тие го наведуваат случајот кај „Аркадија“, кој според нив е уште еден доказ за оваа варварска и неказнета практика – осум нови кучиња се оставени на улица, без контрола, без грижа, без шанса.
Ова не се изолирани појави. Граѓаните секојдневно сведочат за комбиња што пренесуваат кучиња од една во друга општина, истовари на периферии, депонии, па дури и во срцето на градот, како да станува збор за отпад, а не за живи суштества. Таквата практика не е само нехумана и противзаконска, туку создава директна јавна опасност и за луѓето и за животните. Бруталноста оди дотаму што не така одамна беа забележани повеќе легла – очигледно ловџиски мешанци – исфрлени во рамките на заштитени подрачја, како резерватот „Јасен“, каде што немаат никаква шанса за преживување. Тоа е чин на апсолутно варварство, на негрижа и на одбивање да се соочи вистината за сопствената одговорност – велат од здружението.
Според „ Анима мунди“ локалната власт функционира по принципот „грижо моја, прејди на друг“, па оттаму бараат итно институционално препознавање и санкционирање на ваквите постапки.

Оттаму бараат воспоставување на механизми за следење, превенција, евиденција и санкција на случаи на дислоцирање на кучиња, потоа соработка меѓу општините, институциите на централно ниво и граѓанските организации, но и отворање истраги и ефективни казни за сите сторители на овие дела.
Ги повикуваме граѓаните доколку забележат товарење или истовар на кучиња, да го документираат со фотографии или видео и веднаш да пријават до надлежните служби или до нашата организација. Укажуваме, ова е длабоко сурова форма на насилство, но и многу опасно и по граѓаните и по животните – велат од „Анима мунди“.
За ваквите појави реагираа и од ЈП „Лајка“ повеќе пати во изминатава година посочувајќи дека Скопје се соочува со неприроден прилив на бездомни кучиња, што не може да биде дело на поединци, туку дека станува збор за организирана и перманентна злоупотреба што мора да се истражи, докаже и казни.
Од „Лајка“ уште минатата година, а и неколкупати потоа посочија дека кучињата се носат и на локации за кои претпријатието има прецизен увид на постојниот број кучиња кои веќе се стерилизирани, што според нив укажува на тоа дека станува збор за организирано дислоцирање на кучиња, при што често станува збор за големи раси кучиња. Оттаму објаснуваат дека голем дел од нив се недоверливи што не е карактеристично за кучиња од градска средина и додаваат дека ваков наплив речиси е невозможно да го направи поединец.
Ги знаеме убаво кучињата во нашата населба кои немаат сопственици, тоа се локално чувани миленици што редовно ги храниме, имаат свои куќарки. Пред неколку денови забележавме група од четири-пет кучиња без обетка на увото. Едното беше повредено, откако го однесовме на ветеринар да го прегледа, тој ни кажа дека станува збор за куче донесено од друг град, бидејќи чипот што го имало кучето е на јавното комунално претпријатие од овој град – реагираа жители на Аеродром во „Лајка“.
Оттаму истакнаа дека е неопходно институциите и општините да го покренат ова прашање, да воспостават контролни механизми за превенција и дејствување и дека не може да има решение на проблемот доколку не се превенира човечката неодговорност која е клучен фактор и доколку во град Скопје секојдневно пристигнуваат нови репродуктивно способни единки, исфрлени по улиците.


