Сите бегаат од одговорноста за лошо поправениот пат кон Теферич
Нити Општина Сопиште, нити Општина Кисела Вода, како што тврдат, не го поправале асфалтот на патот кон Теферич минатата есен, па не се знае ниту кој бил изведувачот ниту колку пари се „фрлиле“ за неквалитетно изведената работа.
Откако во петокот се распука „новиот“ асфалт на патот кон скопската населба Теферич, кој последно беше саниран пред неполни шест месеци, општините не знаат кој бил изведувачот на овој проект, ниту, пак, ги знаат деталите за проектот или колку тој проект ги чинел жителите на Кисела Вода и на Сопиште. Поради тоа не се знае ни чија е одговорноста за неквалитетно завршената работа.
Препорачано
Патот кон Теферич е „популарен“ по тоа што за него многупати во изминатите години беа ангажирани компании да го поправаат, да го санираат и да го израмнуваат, но на ниедна не ѝ одеше од рака, земајќи предвид дека во неколку случаи, по отворањето на сообраќајницата, асфалтот не можеше да издржи ниту еден месец.
Најчесто на оваа локација се појавуваше опасност од свлекување на земјиштето, па патот беше привремено затворан, па потоа подзакрпен, па повторно пуштан во употреба и токму поради свлекувањето на земјиштето, асфалтот многупати досега „тонеше“ и се распукуваше, формирајќи еден интересен циклус на активности што речиси десет години се повторуваат едноподруго.
Општините не знаат кој ја реновирал улицата
„Слободен печат“ контактираше и со Општина Кисела Вода и со Општина Сопиште и ги праша како дошло до повторно одвојување на земјиштето и на кој начин ќе се одвива сообраќајот на улицата Мариовска, која на неколку места е сериозно оштетена и може да направи огромен проблем за возачите, а во најлоша рака некоја трагедија.

Оттаму соопштија дека градоначалниците Бети Стаменкоска и Јане Мицевски „веднаш излегле на терен и направиле увид на местото“. Во однос на регулирањето на сообраќајот заради поголема безбедност за возачите, од двете локални самоуправи ни одговорија дека стапиле в контакт со СВР Скопје, со кои ќе се координираат за да се задржи безбедноста на возачите.
– Во однос на регулацијата на сообраќајот ве известуваме дека Општина Сопиште е во координација со Општина Кисела Вода и градоначалниците на Општина Сопиште, Јане Мицевски, и на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, кои веќе извршија увид и за новонастанатата ситуација е информиран СВР Скопје. Сите понатамошни одлуки и постапувања ќе бидат во координација помеѓу наведените институции и стручни лица, сè со цел да не биде загрозена безбедноста на граѓаните – велат од Општина Кисела Вода.
Сличен, дури и приближно ист одговор добивме и од Општина Сопиште, што е и очекувано за ситуации од овој карактер, но на прашањето кој е надлежен за овој пат и за неговата последна реконструкција во септември минатата година, од Општина Сопиште не упатија кон нивните колеги „соседи“.
– Ве известуваме дека реконструкцијата на патот кон Теферич не е извршена од страна на Општина Сопиште во 2025 година – накусо одговорија од локалната самоуправа.

Прстот вперен кон Државни патишта, оттаму велат дека таков проект не постои
Потоа, како што ни посочија, надлежноста за овој пат ја побаравме во Општина Кисела Вода, од каде што, пак, одговорија дека тие не биле надлежни за неговата последна обнова и нè упатија кон Јавното претпријатие за државни патишта, кое го наведоа како надлежно за обновата на сообраќајницата пред неколку месеци.
– Во однос на претходната реконструкција напатот кон Теферич, ве информираме дека реконструктивните активности ги изведе пред пет месеци Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП). Оттука, ве упатуваме за сите детални информации наведени во вашето прашање, да се обратите директно до нив – одговорија од Кисела Вода за „Слободен печат“.
Откако по вторпат „удривме во ѕид“ трагајќи по надлежноста, компанијата што го поправала патот и цената на ова неуспешно реновирање, пративме прашања до Државни патишта за да ги добиеме деталите од последната реконструкција.
Оттаму, пак, ни одговорија дека претпријатието нема евиденција за реализирање на овој проект и немаа конкретна информација за тоа кој е надлежен за овој пат, сугерирајќи ни повторно да прашаме во Општина Кисела Вода или Градот Скопје.
– Ова не е пат во надлежност на ЈПДП. Обратете се до Општина Кисела Вода или до Градот, не сме сигурни кој од нив е надлежен. Ако ЈПДП пред пет месеци правела реконструкција на патот, ќе знаевме. Не знам зошто Општината ве упатила кај нас, кога проверив и кај инженерите кои ми потврдија дека такво нешто не сме правеле ние – објаснија од претпријатието.
Патот повторно затворен, но со задоцнување
Откако по којзнае кој пат се распука асфалтот на неколку места од сообраќајницата во петокот, сега патот е поделен на два дела, кои ги дели една огромна дупка во средината од сообраќајницата, длабока повеќе од еден метар. Едниот дел од патот е значително пропаднат, веројатно „проголтан“ од земјата, правејќи ја оваа локација значително опасна за возачите, но и за куќите што се наоѓаат под патот.
Патот кон Теферич е затворен за сообраќај, откако новиот асфалт распука по само пет месеци
Градоначалничката на Кисела Вода Стаменкоска Трајкоска денеска соопшти дека поради сериозното оштетување, патот кон Теферич е повторно затворен за сообраќај.
-По денешниот повторен увид на терен, во координација со сите релевантни институции, донесена е одлука за итно затворање на овој патен правец. Ја информираме јавноста дека интензивно се работи на изнаоѓање на најбрзото и најбезбедното техничко решение за трајна санација на оштетувањето. Апелираме до сите граѓани доследно да ја почитуваат поставената сигнализација и да ги користат алтернативните патни правци сè до целосно отстранување на дефектот.
Сепак, ден претходно кога екипа на „Слободен печат“ отиде на терен, забележа дека на овој пат сообраќајот се одвиваше редовно и без присуство на сообраќајна полиција што би го регулирала протокот на возила и правецот во кој се движат, а немаше ниту знак за опасност од свлекување на земјиштето или опасност на патот, ниту, пак, некои лесни градежни активности или експерти или инженери што го испитуваат патот. Едноставно, на местото немаше никој што би сигнализирал за опасност на патот, оставајќи ја оваа локација небезбедна за возачите цел ден.
Премногу неуспешни реновирања
За потсетување, ова не е ниту прв, ниту вторпат оваа улица да пропаѓа и да се оштетува, имајќи предвид дека уште во септември 2019 година патот беше затворен цел месец поради реконструкција и опасност од свлечиште, а потоа го отворија, но не издржа ниту еден месец, па повторно го затворија во октомври, по што повторно беше обновен и пуштен во употреба.

За жал, ниту во октомври коловозот не издржа повеќе од неколку недели и повторно беше затворен во ноември, за на крај повторно да биде „реновиран“ и пуштен во употреба во декември.
ВИДЕО | Дупка кај Теферич сериозно ги „загрозува“ сите што возат по улица Мариовска
Потоа, во 2024 година земјиштето повторно го „проголта“ патот и направи сериозно оштетување, поради кое асфалтот беше пропаднат буквално половина, поради локацијата на огромната дупка, која се наоѓаше веднаш зад свијок на патот, така што безбедноста на возачите беше енормно загрозена.
Навистина е чудно како ниту една од двете општини немаат никаква информација и детали за еден важенпроект каков што е патот кон Теферич, а зачудувачки е и како овој простор до денеска беше отворен за слободно и непречено движење на сообраќајот, земајќи предвид дека на неколку места има сериозни дупки длабоки повеќе од еден метар.

Останува да видиме дали конечно некој ќе се почувствува одговорен и ќе се зафати со сериозна реконструкција на патот, вклучително и изградба на потпорен ѕид или некаква друга заштита со која би се обезбедило во иднина да не се фрлаат џабе пари за реконструкција и патот повторно да распука.


