Синдикатот за култура најави нов штрајк: На 24 декември повторно на улица поради непотпишувањето на Колективниот договор
Синдикатот на Култура на Република Македонија излезе со соопштение во кое стои дека тие повторно ќе штрајкуваат, поради непотпишувањето на Колективниот договор.
Препорачано
„Сакаме да ја информираме јавноста и вработените во културните и уметничките установи дека СКРМ започнува со штрајк на 24.12.2019 година заради непотпишување на колективен договор кој го очекуваме деценија и половина. Рокот за одговор на Министерството за култура на доставената намера за штрајк истече вчера, на 18.12.2019 г. Од нивна страна не добивме никаков одговор, па Советот на СКРМ одлучи да ја активира последната правна алатка. Штрајкот ќе се одвива во просториите на установите и значи целосен прекин на работата на вработените носители на дејност, помошно-технички персонал и административен кадар. Штрајкот е со од предупредувачки карактер и ќе трае еден ден, а по завршувањето на новогодишните празници ќе се радикализира и ќе трае до целосно исполнување на нашите барања“, стои во соопштението на Синдикатот.
Во сооопштението се додава дека се поканети сите вработени кои сакаат да им се приклучат на штрајкот.
„Ги повикуваме сите вработени да ни се приклучат, а директорите на институциите да застанат во одбрана и поддршка на нашата борба за остварување на нашите работнички права. Културата е темелна вредност на секоја држава и таа не смее да биде маргинализирана, игнорирана и понижена“, се додава во соопштението.


