Симптоми кои откриваат каква несоница ве мачи

Profimedia

Под нарушување на сонот се мисли на проблемите и квалитетот на спиење, тајмингот и/или траењето.

Ако често сте изморени или истоштени во текот на денот, не се чувствувате свежо кога ќе се разбудите, тоа значи дека имате нарушено спиење. Но, и она што го правите во текот на ноќта може да биде знак на нарушено спиење.

„Под нарушување на сонот се мисли на проблемите и квалитетот на спиење, тајмингот и/или траењето”, вели експертот за сон Крис Брантнер.

„Може да се случи да спиете доволно, но спиењето да  е со лош квалитет. Или може да спиете одлично, но не можете да заспиете навреме, што тогаш влијае на вкупниот број часови на сон. Повремените проблеми не се сметаат за нарушено спиење . Само кога станува збор за хронични проблеми, тогаш тоа се смета за пореметување. Неколку ноќи на лош сон повремено се сосем нормална работа”, според клиничкиот стручњак за сон Мартин Рид. “Но, ако имате проблеми со спиењето барем три ноќи неделно секоја недела, и тоа се случува подолго од три месеци, тогаш би требало да поразговарате со лекар”. Докторот може да констатира за кое пореметување станува збор- инсомниа, апнеја, синдром на немирни нозе…но и да ви каже што да правите за да се чувствувате подобро и конечно да се наспиете.

Еве неколку „ноќни навики” кои можат да ви укажат дека треба да одите на лекар, т.е. дека имате некои пореметувања во спиењето.

Лежите будни во кревет и се грижите, премногу размислувате

Речиси секој од нас навечер, за момент – два, помислува на денот кој изминува. Но, ако имате проблем да го „исклучите” мозокот, лежите во кревет со часови загрижени, тоа може да биде знак на пореметување на сонот.

„Доколку забележите дека вашето срце забрзано чука или дека вашиот мозок претерано работи кога ќе легнете во кревет, можно е да патите од несоница”, вели Рид. „Ваквите реакции се знак дека се активира системот во телото за возбуденост како резултат на неколку ноќи на лош сон. За многу луѓе кои патат од инсомнија, креветот е прекинувач на стресот и будноста, наместо опуштање и спиење”. Кај ова пореметување, само лежењето во кревет може да биде прекинувач за мисли кои не можете да ги смирите. И тешко ќе се изборите сами со ова пореметување, поради што е многу важно да побарате помош од стручно лице.

Често легнувате во кревет многу рано

Сосема е во ред ако понекогаш легнете во кревет час-два порано отколку обично- посебно ако не се чувствувате добро или сте изморени. Но, ако тоа ви преминува во навика, обрнете внимание. „Како начин на компензација за проблеми во спиење, многу луѓе кои патат од несоница во кревет легнуваат доста порано и/или остануваат во кревет подолго отколку вообичаено. Ако ова ви звучи познато не го игнорирајте, бидејќи ваквото „маскирање“ само ја влошува несоницата”, порачува Рид.

                                           Ненадејно се будите

Дали се случува да бидете поспани, а кога ќе легнете во кревет одеднаш се чувствувате како да сте испиле пет филџани кафе?

„Чувството на поспаност, одењето в кревет, па изненадното чувство на будност можат да бидат знак за проблеми во спиење”, вели стручњакот за сон Џинџер Хаустон. „Поточно, тоа може да биде знак за несоница.“ Многу од нас го поминуваат времето во кревет читајќи, гледајќи телевизија или нешто слично, со што му даваме на мозокот до знаење дека креветот не е место за спиење. Потоа, кога ќе легнеме да спиеме, нашиот мозок вели „не, тоа не би требало овде да го правам ‘“, вели таа.

Она што е карактеристично за несоницата е тоа што по неколку ноќи почнуваме да се грижиме поради тоа што не можеме да спиеме, се убедуваме себе си да се присилиме на спиење и влегуваме во магичниот круг на инсомнија.

Хаустон вели дека овој проблем може да се реши така што повторно ќе го научите својот мозок дека креветот е место исклучиво за спиење.

Не можете да престанете да мрдате со нозете

Нормално е уште неколку минути да се превртувате кога ќе легнете во кревет, додека да се наместите и најдете погодна положба. Но, ако нозете ве чешаат, пецкаат и едноставно не можете да престанете да ги мрдате, можно е да станува збор за синдромот на немирни нозе. Доколку ги имате овие симптоми, обратете се на лекар.

Profimedia

Често ја менувате навиката

Доколку од ноќ во ноќ ја менувате својата навика пред спиење за да се натерате себеси да спиете повеќе, поголеми се шансите да  дојде до пореметено спиење.

„Ако често мислите на спиење и ја менувате навиката, тоа е чест симптом или навика меѓу оние кои ги мачи несоница”, вели Рид. Кај луѓето кои немаат вакви пореметувања, спиењето е вообичаен дел од нивниот ден, поради што и не мислат околу тоа. Затоа, ако сте многу фокусирани на спиење и константно се прилагодувате во обид подобро и повеќе да се наспиете, добро би било да поразговарате со лекар.

Партнерот ви вели дека крчите

Доколку крчите во текот на ноќта, тоа може да биде знак за пореметено спиење-посебно ако крчите толку, да може да ве слушнат и соседите. „Ако партнерот или некој друг ви рекол дека гласно крчите или имате пауза во дишењето во текот на ноќта, можно е да патите од  ноќна апнеја“, вели Рид.

Други симптоми кои укажуваат на тоа се болка во грлото или сува уста наутро, утрински главоболки, зашеметеност после станување од кревет, замор и поспаност во текот на денот.

Заспивате, па се будите

Доколку се случува во текот на ноќта да се будите по неколку пати, немојте да го прифатите тоа како нормален дел од животот. Честопати тоа е знак на некој дисбаланс во вашето тело, кој ве спречува да се наспиете добро.

„Будењето по неколку пати, будењето рано наутро или тоа што не се будите свежи, може да значи дека не спиете добро. Причина за тоа може да биде нивото на кортизол, хормони или стрес”, вели доктор Алис Снајдер. „Нашиот нормален циклус  е да се будиме со сонцето, да имаме енергија во текот на целиот ден, а навечер полека да се опуштаме- тој циклус е познат како циркадијален ритам”.

Хормонски дисбаланс: што да правиме кога хормоните ќе полудат?

             Ви треба повеќе од половина час да заспиете

Дефинитивно би требало да размислите зошто ви се случува секоја ноќ во кревет да лежите будни повеќе од 30 минути пред да заспиете. „На просечните личности им е потребно околу 15 минути да заспијат кога ќе легнат. Ако ви треба повеќе од половина час да заспиете, најверојатно е дека постои некој проблем”, вели Брантнер.

Секако, не е ништо страшно ако тоа се случува понекогаш, но ако се повторува честопати, поголеми се можностите за несоница.

             Заспивате во истиот момент

Од  друга страна, и тоа што ви е потребно 3 секунди да заспиете, исто така може да биде знак за пореметување.

„Супер е што брзо запивате, но повеќето луѓе не можат да сфатат зошто заспиваат веднаш штом ќе ја фатат перницата, исто така може да укажува на пореметување на спиењето. Многу е можно да сте исцрпени бидејќи не спиете доволно квалитетно. Доколку секоја ноќ заспивате пократко од 5 минути, веројатно имате проблем “, потенцира Брантнер.

Без оглед на тоа дали крчите, заспивате за секунда или со часови лежите будни, кажете му на својот лекар. Тој може да ја утврди причината и дали навистина имате пореметено спиење и секако да ви помогне конечно да се наспиете.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот