Сиљановска: Придавката „македонски“ е дел од Преспанскиот договор и таа не смее да се забрани
Преспанскиот договор јасно го регулира користењето на термините за државните институции, но употребата на придавката македонски во однос на идентитетот и народот не може да се забрани, рече денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, одговарајќи на новинарски прашања по однос на изјавата на бугарската министерка за надворешни работи, Весислава Петрова Чамова, која го употреби изразот „северномакедонски“.
Препорачано
Поради ова МНР вчера го повика бугарскиот амбасадор и му упати вербална протестна нота.
Претседателката денеска нагласи дека нејзиниот став кон договорот од Преспа не е променет и посочи оти „потписниците на документот треба први да инсистираат на негово доследно почитување во меѓународните односи“.
– Не се забранува, ниту пак може да се забрани употребата на придавката македонски. Впрочем тоа е и дел од самиот договор. Е сега, тие што го поддржале и што го потпишале договорот, први треба да укажуваат на неговото почитување – изјави Сиљановска-Давкова.
Осврнувајќи се на политичката клима во регионот и новата влада во Бугарија, претседателката изрази очекување за конструктивност и водење политики засновани на добра волја, нагласувајќи дека регионалното разбирање е клучно за евроинтеграцискиот пат на целиот Западен Балкан.
Во однос на прашањето за општествениот ангажман на поранешните шефови на државата, Сиљановска-Давкова рече дека нивната активност не треба да престане по завршувањето на мандатот. Таа откри дека веќе размислувала за иницијатива за нивни заеднички консултации.
– Мислам дека би било убаво да има една тркалезна маса на бивши претседатели каде што ќе може да се советуваме за состојбите со кои се соочуваме и за решенијата за определени проблеми. Инаку, во право сте дека не треба со заминувањето од функцијата да престанат и активностите, туку да продолжат – рече претседателката.
Запрашана за неодамнешните изјави поврзани со комуникацијата помеѓу премиерот и државниот јавен обвинител, Сиљановска-Давкова одби да ги коментира, нагласувајќи дека нема увид во природата на нивните телефонски разговори и дека одговорите треба да се побараат директно од инволвираните страни.


