Сиљановска-Давкова и Јотова го кршат мразот
Средбата во Софија не се гледа како момент за голем пробив, туку како обид повторно да се отвори канал за нормален разговор меѓу Скопје и Софија. Старите спорови, недовербата и блокираниот европски пат остануваат на маса, но пораката од двете страни е дека без средби нема ни поместување.
Средбата меѓу претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и бугарската потпретседателка Илијана Јотова во Софија нема да биде само протоколарна на маргините на регионален самит. Таа доаѓа во момент кога односите меѓу Скопје и Софија и натаму се оптоварени со политички недоверби, отворени историски и идентитетски теми, како и со блокираниот македонски европски пат.
Препорачано
Очекувањата од разговорот, според досегашните пораки на Сиљановска-Давкова, не се насочени кон некаков спектакуларен пробив, туку кон отворање простор за посмирена, подиректна и посуштинска комуникација.
Самата претседателка најави дека на средбата може да се отворат суштински прашања, додавајќи дека за неа „не постои нерешлив проблем“.
Токму тоа ја поставува средбата во Софија како можен тест за нов тон во комуникацијата меѓу двете земји, обид да се намали тензијата и да се врати довербата во дијалогот.
Пријатно женско говорење
Сиљановска-Давкова ја поврза средбата со Јотова со нивниот претходен контакт во Ереван, кој го опиша како „пријатно женско говорење“. Таа порака може да се разбере и како сигнал дека претседателката гледа можност преку директна комуникација со бугарската колешка да се отвори канал што нема да биде веднаш оптоварен со вообичаената политичка реторика.
Во фокусот, според нејзината изјава, се мерките за градење доверба. Тоа значи дека разговорот би можел да оди во насока на практични теми: поголема комуникација меѓу граѓаните, заеднички проекти, соработка во културата, образованието, економијата, инфраструктурата и регионалните иницијативи.
– Тоа е природно продолжение на нашата средба во Ереван, едно пријатно женско говорење. И јас мислам дека тоа е единствениот начин за да можеме ние искрено и добронамерно да се однесуваме. Да не се навредуваме, да не се повредуваме, да се обидеме да ги мериме зборовите – изјави Сиљановска-Давкова во интервју за „360 степени“.
Мицкоски: Не сме чудотворци
Премиерот Христијан Мицкоски, коментирајќи ја средбата на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова со бугарската потпретседателка Илијана Јотова, порача дека Владата има јасен план и стратегија и дека не ветува чуда, туку напорна работа.
– Знам кој е нашиот план и која е нашата стратегија. Ние одиме кон тој план и кон таа стратегија, затоа што чуда не постојат, а и ние не сме чудотворци. Секој што ветува чуда – лаже, не ја зборува вистината. Ние ветувавме само напорна работа, а тоа и го правиме. Работите мора да се постават на здрава основа, за генерациите по нас да немаат главоболки како што ние имаме – изјави Мицкоски.
И министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски, деновиве исто така најави интензивирање на контактите со бугарските власти, нагласувајќи дека дијалогот е неопходен во актуелниот политички контекст.
– Немаме алтернатива освен европската интеграција. Очекуваме фер решение за билатералниот спор – изјави Муцунски.
Потребни се многу средби
Поранешниот дипломат Марјан Ѓорчев во разговор за „Слободен печат“ вели дека средбата помеѓу Сиљановска-Давкова и Јотова е добар почеток и посочува дека такви средби помеѓу високи функциониери од двете соседни земји треба да има сѐ почесто.
– Секоја средба е полезна. Ние сме соседи со Бугарија и мораме да имаме добри односи, да се обидуваме да ги изградиме добрите односи во каква било ситуација, вклучително и во оваа исклучително тешка ситуација во која сме доведени поради нерамноправната положба на Македонија која во 2017 година потпиша апсолутно несиметричен Договор за добрососедство, во полза на бугарскиот национален интерес. Тешко е да се преговара по еден таков Договор, по двата протокола и преговарачката рамка од 2022 година која исто така го фаворизира бугарскиот национален интерес и првпат го вметнува билатералното прашање во преговорите. Како и да е, нешто што е градено повеќе од 140 години не може да се смени само со една средба помеѓу Сиљановска-Давкова и Јотова. Но, добро би било да се одржат повеќе средби на коишто ќе се одмрзнува тој наталожен мраз помеѓу двете земји – објаснува Ѓорчев.
Тој посочува дека не треба да се очекуваат чуда од денешната средба, бидејќи, како што вели, самата Јотова негува конзервативни ставови во однос на македонското прашање, веројатно ќе ѝ биде потребно време за да ја стекне довербата.
– Можеби работите звучат многу едноставно, меѓутоа, не треба да се очекува некаков брз пресврт во односите помеѓу Скопје и Софија. Многу се закостени позициите на Бугарија во однос на македонското прашање – посочува Ѓорчев.


