Си-ен-ен разоткри онлајн „школа за силување“ — мажи споделувале снимки на кои си ги дрогираат сопругите, имало и преноси во живо
Истрагата открива онлајн екосистем во кој мажи споделуваат видеа од дрогирање и од напади врз сопствените сопруги или партнерки, разменуваат совети за седативи и дози, па дури и пренесуваат напади во живо за платени гледачи — сето тоа зад маската на анонимност.
Кога францускиот пензионер Доминик Пелико во 2024 година беше осуден бидејќи ја дрогирал својата сопруга Жизел Пелико во несвесна состојба и им овозможил на повеќе од 70 мажи да ја силуваат, од кои многумина биле непознати луѓе регрутирани преку интернет, светот накратко беше згрозен. Веб-страницата „Сосо“, што ја користел за наоѓање соучесници, беше затворена. Јавниот гнев достигна врв, а потоа постепено стивна.
Препорачано
Но, како што покажува повеќемесечна истрага на Си-ен-ен. „Како еднакви“, мрежите што го овозможиле случајот Пелико не исчезнале. Тие тивко се преместиле, се намножиле и се прошириле.
Истрагата открива онлајн екосистем во кој мажи споделуваат видеа од дрогирање и од сексуални напади врз сопствените сопруги или партнерки, разменуваат совети за седативи и дози, па дури и пренесуваат напади во живо за платени гледачи — сето тоа зад маската на анонимност.
62 милиони посети на страницата
Во центарот на ова стои американската порно-страница „Мадрлес“, која имала околу 62 милиони посети во февруари 2025 година. На страницата се поставени над 20.000 видеа од корисници означени како „содржина со спиење“, со снимки на жени во несвест или под дејство на седативи. Некои видеа имаат над 50.000 прегледи. Страницата се опишува како „морално слободен хостинг каде што сè што е легално останува засекогаш“, иако законитоста на содржината е сериозно доведена во прашање.
Видеата се организирани со тагови како „#passedout“ (онесвестен/на) и „#eyecheck“ (проверка на очи), при што последниот се однесува на практика во која сторителите ги подигнуваат очните капаци на жртвите за да проверат дали навистина се во несвест пред снимање.
Корисниците гледаат, но и советуваат
Во овие заедници, корисниците не само што гледаат, туку и советуваат. Во една група добиена од „Си-ен-ен“, корисници разменувале упатства за тоа како да се дрогира сопругата, со пораки како „секогаш почни со мала доза“ и „ако првиот пат не е доволно, зголеми ја дозата“.
Еден корисник тврдел дека води бизнис со испорака на „средства за спиење“ што ги праќал ширум светот, наплатувајќи околу 150 евра по шише.
Злоупотребата е и монетизирана во реално време, со огласи за преноси во живо на напади врз дрогирани жени за околу 20 долари по гледач, со плаќања во криптовалути.
„Си-ен-ен“ разговарал и со жртви на овие напади. Зои Вотс од Велика Британија открила дека нејзиниот сопруг со години ѝ ставал лекови за спиење во чајот и ја силувал додека била во несвест. Таа опишува како се распаднал нејзиниот живот и како се соочила со срам и со недоверба во околината.
Партнерот ја убедувал дека „замислува работи“
Во друг случај, Аманда Станхоуп опишува години на губење на свест и манипулација, додека нејзиниот партнер ја убедувал дека „замислува работи“, пред тој подоцна да биде обвинет за силување.
Во Италија, преживеана жена открила видеоснимки од нападите што нејзиниот сопруг ги направил врз неа додека била дрогирана, за што подоцна бил осуден.
Психолозите и експертите предупредуваат дека овие онлајн заедници функционираат како форма на „мрежа за учење“ на насилство, додека правните експерти сметаат дека владите не преземаат доволно мерки против платформите што овозможуваат ваква содржина.
Во Велика Британија, регулаторот „Офком“ веќе презел мерки против „Мадерлес“, но е ограничен во тоа колку може да влијае врз конкретната содржина.
Иако ваквите случаи тешко се откриваат и слабо се пријавуваат, експертите предупредуваат дека употребата на лекови за спиење и седативи од страна на сторителите станува сè почеста, што дополнително ја отежнува истрагата и казнувањето.


